„Минатата недела францускиот претседател Емануел Макрон имаше телефонски разговори со бугарскиот претседател Радев и со премиерите Петков и Ковачевски. Тоа беа корисни разговори и се покажа интерес и желба од Франција да помогне“, рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во „Клик плус“ на ТВ21.

Тој додаде дека се забележува зголеменото француско присуство во регионот и кај нас, што, според Маричиќ, е добро бидејќи доколку претседавачот со ЕУ не е убеден во процесот, тогаш тешко дека ќе напредува дискусијата и на ниво на Унијата.

„Добро е што Франција учествува и прави иницијативи да ни помогне. Досега сите предлози што биле на маса, почнувајќи од германското претседателство, па и португалското беа искористени и се користени во текот на разговорите“, рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека португалскиот предлог за нас е прифатлив и е нешто што Северна Македонија сметаше дека е фер решение.