Моќниот циклон кој за време на викендот ќе го погоди целиот Балкански Полуостров, ќе донесе опасност од локални поплави, вели метеорологот Славчо Попоски.

Со продорот на многу постуден воздух од Арктикот, во речиси сите земји од регионот се очекува и снег кој во планинските места ќе достигне висина дури и повеќе од 20-30 сантиметри, објаснува тој за НоваТВ.

Во Алпскиот регион се очекува снежна покривка дури и од повеќе од 100 сантиметри.

„Би сакал вонредно да најавам дека во регионот доаѓа вистинска снежна бура за време на викендот, како и во почетокот од следната седмица. Интензивни врнежи најпрвин од дожд и можни се локални поплави а потоа со продорот на многу постуден воздух од север, ќе има и снег во поголем дел од Балканскиот полуостров. Понекаде и тоа особено во планинските предели се очекува дури повеќе од 20-30 сантиметри нов снег“, ни изјави Попоски.

Познатиот македонски метеоролог нагласи дека станува збор за моќен циклонски систем и истиот ќе ја зафати и Македонија за време на викендот и во почетокот од следната седмица. „Можни се локални поплави и во Македонија а се очекува и силен ветер во цел регион, како и во Македонија. Токму поради ваквата состојба препорачуваме крајна претпазливост“, рече тој.