Прaтеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, од седиштето на партијата, откако, како што самиот рече, тоа не му било довзолено да го направи во Собранието, објави нова аудио снимка, во која се слуша само гласот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а која му била доставена од анонимен укажувач. Милошоски, по пуштање на снимката, во која забележливо е дека одредени реченици се недовршени, обвини дека Заев додека бил премиер се мешал во одлуките на судската власт.

Според опозицијата, снимките покажуваат дека Заев договарал одлуки со Врховниот суд и бил во тесна и блиска соработка со Катица Јанева.

„Што е важно? Катица тоа го знае, знае од целиот почеток,.., значи ја со Јово Вангеловски, беше еден од трите судии во врховен суд, имаше и други тројца од Апелационен суд, што требаше да паднат заради бегството на Сеат Кочан и заради бегството на овој (Груевски); и Јово беше вратен, сум се смирил и сум се договорил со Јово. Точно е ние бевме блиски, тераме блиски, јас сум таков човек, прво не верувам секојпат дека не треба, секојпат сум верувалОва е политичка битка помеѓу ВМРО и СДС и тука треба да застане, заради тоа се разговорите, они поминаа границите. Знаејќи го Катица целото тоа што се случува, она и така се однесува, знае дека ќе паднат предметите. Знае, дека и да не сака, она помага, значи готово, нема, влезена е во тој процес сега“, се слушаше во разговорите кои ги објави Милошоски.

 

Еден час по објавување на снимката порталот „Прес 24“ објави интервју со Заев, кој тврди дека со објавувањето на снимката ВМРО-ДПМНЕ се закопало.

„Денес, еве, имаме свеж пример, Антонио Милошоски пушта некои мои разговори со кои јасно се гледа зошто беше важен законот. Јас во објавените тонски снимки ја коментирам одлуката на Врховен суд за непостапување за предметите од СЈО после јуни 2017 година, состојба со која предметите паѓаа доколку не се изгласаше Законот за јавно обвинителство. ВМРО-ДПМНЕ се закопа, пушта снимки од разговори од време кога сите знаеа дека предметите на СЈО беа под закана – Милошоски го знае новиот закон, тој, Груевски и Мицкоски знаат дека предметите ќе добијат пресуди врз основа на обезбедените докази. Спасени се доказите, спасени се предметите, само криминалот на ВМРО-ДПМНЕ не е спасен“, вели Заев.

Разговорот, додава тој, некој од присутните неовластено го снимал додека се разговара за причините и потребата зошто треба да се донесе законот за Јавно обвинителство.

„Toa се веројатно разговори од состаноците кои се водеа со претставници на партиите од власта и опозицијата од албанскиот блок партии, кога се убедувавме и објаснувавме со групата од осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ зошто е важно да се донесе Законот за јавно обвинителство… Убаво да слушаат граѓаните како се ставани и вадени тонски парчиња во објавената снимка. Но и покрај тоа ВМРО-ДПМНЕ не успева да направи конструкција. Денес е јасно. Ние се боревме предметите да добијат правна разрешница, бидејќи како што се слуша во разговорот, таа беше загрозена. Ја добивме битката, ние бевме за законот и за правна разрешница на сите предмети од СЈО врз основа на обезбедените докази, а тие беа против законот и против правда“, вели Заев.

Коментирајќи ја аудио снимката, пратеникот на СДСМ, Хари Локвенец, изјави на прес-конференција дека тоа било уште еден доказ дека „ВМРО-ДПМНЕ и неговото раководство не можат да функционираат без лаги и конструкции“.

Според Локвенец, „ВМРО-ДПМНЕ се закопа, пушта снимки од разговори од време кога сите знаеа дека предметите на СЈО беа под закана – Милошоски го знае новиот закон, тој, Груевски и Мицкоски знаат дека предметите ќе добијат пресуди врз основа на обезбедените докази. Спасени се доказите, спасени се предметите, само криминалот на ВМРО-ДПМНЕ не е спасен“.