Осумдесет и седум од вкупно 120 пратеници користеле социјални медиуми во 2019 година. Владиниот кабинет имал 24 од вкупно 26 министри онлајн, додека бројот на активни градоначалници на најмалку еден социјален медиум во годината што изминува е 74 од вкупно 81, покажа анализатa на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП).

Споредено со минати истражувања направени во 2017 година и лани, речиси секаде се бележи пад или стагнирање во активното користење на социјалните медиуми од страна на јавните функционери.

Фејсбук најпопуларен меѓу пратениците

Нешто повеќе од две третини или 87 од народните избраници биле активни на Фејсбук во 2018 година. Следи Инстаграм, платформа на која онлајн активности имале 23 пратеници, а на дното на листата се наоѓа Твитер, кој бил популарен меѓу 10 проценти од пратениците, односно како начин за комуникација го избрале 12 народни избраника.

Статистиката покажува дека вкупно 10 пратеници истовремено користеле Фејсбук, Твитер и Инстаграм, додека дури 31 народен избраник немал свој профил/страна или канал на било кој од социјалните медиуми во 2019 година.

За разлика од првата анализа на оваа тема направена од ИДУЕП во 2009 година се бележи зголемување на бројот на пратеници кои се присутни на Фејсбук. Тогаш ваква активност имаа 35 пратеници, додека бројката е драстично намалена споредено со 110 онлајн присутни пратеници во 2017 година и 112 во 2018 година. Во споредба со минатата 2018 година кога на Твитер и на Инстаграм биле активни по 31 народен избраник, во 2019 година се бележи видливо намалување на активностите на овие социјални медиуми.

„Јавните функционери е потребно да бидат многу повеќе отворени за медиумите и да одговараат на нивните прашања во најкус рок. Истовремено, во време на дигитализација потребно е сите податоци за нивната работа да бидат достапни онлајн што, конечно, треба да ги постави темелите на дигиталната транспарентност на функционерите и јавните институции. Не треба да се биде присутен онлајн затоа што е модерно, туку пред сè да се излезе во пресрет на очекувањата и навиките на граѓаните кои во огромен процент се активни во интернет просторот“, вели Бојан Кордалов, автор на анализата за потребите на ИДУЕП.

Министрите ги преферираат Твитер и Инстаграм 

Анализата понатаму покажа дека 24 од 26 министри во Владата биле активни на Фејсбук во 2019 година, што претставува стабилно зголемување и раст споредено со претходните години. Во 2017 година тој број изнесувал 20 министри, а во 2018 година е забележан раст, односно 23 членови на владиниот кабинет се присутни на најбројната социјална мрежа.

Намалување во однос на минатата година е забележано на присуството на членовите на Владата на Твитер и Инстаграм. Инстаграм бил изборот на 11 министри, додека 10 се одлучиле да бидат активни на Твитер. Во споредба со 2017 година  – осум министри на Твитер, а 10 на Инстаграм; во споредба со 2018 година – 14 министри на Твитер и 14 на Инстаграм.

Статистиката покажува дека вкупно девет членови на владиниот кабинет истовремено користеле
Фејсбук, Твитер и Инстаграм, додека двајца министри не биле воопшто присутни и отворени за
двонасочна комуникација преку социјалните медиуми во 2019 година.

Актуелниот премиер Зоран Заев, како и предложениот предводник на техничката Влада, Оливер Спасовски се истовремено активни на сите социјални медиуми (Фејсбук, Твитер и Инстаграм) што се опфатени со оваа анализа.

Анализата за првпат го опфаќа го веб присуството на министерствата и веб платформата на Владата. Свои официјални интернет страници имаат 16 министерства, едно министерство нема веб адреса, 12 се активни на Фејсбук, шест на Твитер, а пет од вкупно 17 се присутни на Инстаграм.

Само Владата, Министерството за финансии и Министерството за здравство се истовремено присутни со интернет платформа и имаат свои акаунти на Фејсбук, на Твитер и на Инстаграм, додека, пак, дури пет министерства не нудат можност да бидат контактирани преку социјалните медиуми.

„Охрабруваат податоците што целокупниот државен врв – претседателот, премиерот и претседателот на Собранието се присутни на онлајн платформите. Сепак, потребно е сите јавни функционери да го практикуваат ваквиот пристап бидејќи транспарентноста и одговорноста мора да се оствари на сите нивоа на власт. Наједноставно кажано, секој јавен функционер и институција кои се финансираат од буџетот, односно од парите на граѓаните и компаниите, мора да бидат отчетни и отворени кон оние кои ги финансираат и на нив да им полагаат сметка“, вели Кордалов.

Дури 23 општини без профили на социјалните мрежи 

Намалување на активното користење на социјалните медиуми е забележано и кај единиците на локалната самоуправа – 74 од вкупно 81 градоначалник биле активни на Фејсбук во 2019 година.
Во 2017 година, тој број изнесувал 80, а во 2018 година 79 градоначалници биле присутни на
најбројната социјална мрежа.

На Твитер во 2019 година се активни само 5 градоначалници, додека на Инстаграм тој број изнесува 25. Споредба со 2017 година – 5 градоначалници на Твитер, а 21 на Инстаграм; Споредба со 2018 година – 7 градоначалници на Твитер и 29 на Инстаграм.

Статистиката покажува дека вкупно тројца градоначалници истовремено користеле Фејсбук, Твитер и Инстаграм, додека седум немале свое присуство на ниту еден од социјалните медиуми во 2019 година.

Состојбата на локално ниво за 2019 година е следна – интернет страница имаат сите 81 општина во земјата, 55 се присутни на Фејсбук, 5 на Твитер, а 12 општини нудат можност да бидат контактирани преку Инстаграм. Официјална интернет страница и профили на социјалните мрежи (Фејсбук, Твитер и Инстаграм) истовремено имаат Град Скопје и општина Карпош, додека, пак, во ера на дигитализација, дури на 23 општини не може да им се пристапи преку било која од овие три социјални мрежи.

Листа на Влада и Министерства кои (не)користеле социјални мрежи во 2019 година

Листа со пратеници кои (не)користеле социјални мрежи во 2019 година

Претседателот и користење на социјалните мрежи во 2019 година

Листа со градоначалници кои (не)користеле социјални мрежи во 2019 година

Листа на општини кои (не)користеле социјални мрежи во 2019 година

Анализата е направена од јавно достапните податоци на социјалните медиуми во периодот помеѓу 15 и 23.10.2019 година, како и во периодот помеѓу 19 и 27 декември 2019 година.

Напомена: Профилите/страните/каналите на социјалните медиуми кои се приватни, односно затворени или, пак, кои не се одржуваат подолго време не се земаат во предвид во оваа анализа.