Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција истакна дека Македонија е земја со најмногу заболени со ковид-19 на дневно ниво, а власта наместо да излезе со предлози за нови мерки, мисли и зборува само за избори.

„Македонија дневно има повеќе заболени отколку цел Балкан заедно, а што прави власта, не слушнавме ниту еден нов протокол, не слушнавме ниту една нова мерка, туку единственото нешто што го слушаме се избори, па избори“, рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека не се плаши од излегување на избори, туку единствено од што се стравува е да не се загуби ниту еден човечки живот.

„Откако ќе го заштитиме здравјето на граѓаните, откако ќе ја поразиме оваа пандемија предизвикана од вирусот ковид 19, тој е готов и ќе доживее изборен дебакл“, рече Мицкоски, алудирајќи на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.