Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот предизборен митинг од Куманово на кој беше промовиран и кандидат за градоначалник на оваа партија, Тони Михајловски, истакна дека „кога СДСМ и Заев зборуваат дека се најдоброто, тоа всушност значи дека се најлошото за Македонија затоа што петта година се на власт и потрошија 16 милијарди евра, и ништо не направија, но затоа секое семејство го задолжија за 4.500 евра“.

А вечерва се одржува митинг на оваа партија и во скопската општина Кисела Вода.

И во скопската општина Карпош вечерва беше претставен кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Зафировски, а кандидатот за градоначалник на Општина Прилеп, д-р Борче Јовчески, попладнево се огласи само со соопштение во коешто наведе „нема да бидам дел од дебати, заради нерасчистените јавни закани по мојот живот и животот на членовите на моето семејство“. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, во Куманово рече:

– Ништо не направија за народот, а направија многу за себе. Испокрадоа тоа што можеше да се испокраде, распродадоа тоа што остана за распродавање.  Владата на СДСМ, од 1 јуни 2017 година заклучно со 30 септември 2021 година, точно 52 месеци потроши народни пари 16 милијарди евра, тоа се пари на народот, тоа се пари на граѓаните тешко спечалени пари.  Но што направија со тие 16 милијарди. Дали некој се сеќава дека ветија нови 500 километри автопат, а не можат после 52 месеци да го завршат ни тој кој претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ го започна, рече Мицкоски.

Тој истакна дека никаде ги нема ни ветените 600 километри нови регионални патишта и тоа може да го видат граѓаните насекаде низ Македонија.

–  Поминете од тука кон Крива Паланка, од Росоман кон Прилеп, поминете од Штип кон Кочани или Радовиш да видите после 52 месеци во каква состојба се патиштата, 600 метри не успеаја да направат, а камо ли километри, изјави Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека никаде ги нема ни ветените инвестиции од Гугл, Фејсбук ИКЕА, а го нема ни растот од  5 до 7% на економијата, а после 52 месеци накалемија долгови на грбот на народот од повеќе од 2 милијарди евра или секое семејство во Македонија го задолжија за 4.500 евра.

Михајловски: Создаваме нова иднина – Модерно управување со отпадот, Куманово конечно ќе биде чист град, ќе има бесплатен приклучок на гас за домаќинствата и бизнисите

Да направиме промени. Тоа сакам да го направам со вас, со ваша подддрша, бидејќи е за вас, рече Тони Михајловски кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг.

Михајловски се осврна на дел од проектите кои ќе ги реализира во текот на мадатот, меѓу нив е изградба и заокружување на патнатата инфраструктура.

„Ќе изградиме 60 километри патна инфраструктура во градот, катни гаражи, велоспидески патеки, кружни текови во градот“, рече Михајловски.

Приоритет ќе биде и Куманово да биде чист град, ќе има бесплатен приклучок на гас за домаќинстава и бизнисите.

Михајловски најави и низа на објекти за најмладите од градинки, училишта, а вети и многу други проекти.

„Проект за нов театар во Куманово. Проект за нов албански театар. реконструкција на спортската сала. Реконструкција на Соколана. Проект за реконструкција на градскиот стадион“, рече Михајловски.

Тој напомена дека ова се само мал дел од програмата која ја нуди тој и партијата.

Зафировски: Создаваме нова иднина-во Карпош ќе има нов пензионерски дом, нови гаражи, ќе се ревитализира спортската сала Партизан 

– Карпош е синоним за истрајност и сопствен идентитет во Македонија. И еве, години подоцна оваа општина со големо име, тоне во сивило, безидејност, хаотичност како ништо што прилега на името што го носи, рече Оливер Зафировски, кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг.

Тој додаде:

– Запирање на сите постапки за издавање градежни дозволи, за подобра и поздрава животна средина за сите вас, со проект за уредување на двете страни од кејот на Вардар, од мостот Обединети нации до хотелот Александар Палас, целосно уредување на делот надвор од коритото на реката Лепенец. Со изградбата на зелениот пазар на крстосницата во Злокуќани ќе се реши долгогодишниот проблем на граѓаните за да можат да пазарат во соодветни услови. Предвидени се и нови еколошки монтажни катни гаражи и реконструкција на постојните подземни гаражи. Во следните четири години ќе бидам силно фокусиран кон развојот на спортот и конечна ревитализација на спортската сала од моето детство Партизан и уредување на просторот околу неа, кажа Зафировски.

Тој најави и нов пензионерски дом за грижа за повозрасните, бесплатен топол оброк до нивните домови и достава на лекови, како и отворање на народни кујни.

Славески: Создаваме нова иднина- Имаме визија за Скопје, град со ред во сообраќајот, гасифициран, со нова универзална сала, нов забавен парк

– Скопјани повеќе не сакаат Скопје да е во застој. Да биде валкано, заробено од група корумпирани моќници, и со уништен дух. Скопје веќе четири години го предводат луѓе кои имаат натрупано огромно богатство во пари, викендички, хациенди и автомобили за кое немаат покритие. Луѓе кои среде Скопје градат хациенди без одобрение. Кои не трепнуваат кога низ Скопје изникнуваат бетонски чудовишта без контрола. Луѓе кои местат тендери во кои победуваат најскапите и најнеквалитетните понуди“, рече проф. Tрајко Славески, носител на листата на кандидати за советници во Советот на Град Скопје.