Чистиот воздух и заштитата на животната средина се едни од најважни теми за младите од Балканот, но потребно е подигање на еколошката свест уште од мали нозе. Технологијата и дигиталните алатки треба да се искористат за да се поттикне промена – ова се заклучоците од серијата фокус групи со млади луѓе – студенти од Македонија, Албанија и Србија за тоа како различни еко-апликации може да помогнат во подигањето на јавната свест за заштита на животната средина. Фокус групите кои беа спроведени од страна на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) во текот на месец февруари годинава, покажа дека младите го гледаат решението во повеќе достапни и функционални еко-дигитални алатки, наменети кон справување со постоечки проблеми, кои истовремено ќе придонесат и кон подигање на еколошката свест на целата јавност. Тие како примери во своите земји ги посочија: македонската мобилна апликација „Мој воздух“ која го мери загадувањето на воздухот, или „Андерва“ во Албанија која нуди попусти во еко-пријателски продавници. Младите истакнаа дека ваквите апликации се добар чекор и придонесуваат за одредени промени во позитивна насока, но сметаат дека владите од земјите од иницијативата „Отворен Балкан“ треба многу повеќе да инвестираат, но и поддржуваат ваков вид на онлајн апликации.  Младите луѓе од Србија го поздравија креирањето на апликацијата „gReact“ од страна на тамошната Влада, истовремено нагласувајќи дека ваквите апликации бараат подобра функционалност, систем на постојано надградување и применливост во праксата.

„Младите од регионот јасно и гласно бараат чист воздух и здрава средина за живеење – тоа е она што ги засега подеднакво без разлика од која земја доаѓаат. Тие јасно ја истакнаа свесноста дека е неопходно уште од најрана возраст да се вклучат во креирањето на политики и преземање на конкретни активности за решавање на еколошките предизвици. Бидејќи каква вода ќе пијат, каков воздух ќе дишат или каква почва за храна ќе има за идните генерации се одлучува токму денес. Уште поважно е што овие фокус групи покажаа дека младите се свесни оти промената мора да почне од нив самите, односно сите заедно треба да се менуваме ако сакаме да ги видиме промените. Она што охрабрува е дека тие сакаат да ја искористат технологијата и дигитализацијата за испраќање на пораки за позитивна промена, како и преку личен пример да придонесат кон подобрување на состојбата“ изјави Бојан Кордалов, комуниколог и координатор на Програма во ИДУЕП.

Како еден од погорливите проблеми, младите од трите земји ја посочија потребата од намалување на отпадот од храна и пластичниот отпад кој според нив е важен фактор за заштита на животната средина, но ја нагласуваат и недоволната информираност на јавноста за тоа како може да придонесат кон негово решавање. Затоа сметаат дека се потребни различни видови апликации со кои ќе се таргетира различен аспект поврзан со заштита на животната средина.  Како пример, апликации за намалување на отпадот од храна, за следење на загадување на воздухот, апликации за заедничко користење на автомобили, апликации за велосипеди и тротинети кои ќе придонесат да се намали загадувањето, апликации кои ќе даваат совети поврзани со екологијата, ќе поттикнуваат на паметно користење и заштеда на енергија и сл.

Младите бараат и државата да подржи развивање на апликации за заштита на животната средина кои особено ќе бидат наменети и адаптирани за помладата генерација, со цел нивна поголема искористеност. Како една од позитивните пракси кои државите може да ги применат, младите го наведоа и примерот од Нов Зеланд каде тамошната влада креирала апликација наречена „Snap Send Solve“, преку која корисниците може да пријават локални проблеми за помалку од 30 секунди (од нелегално паркирање до дупки на патот, исфрлено ѓубре на несоодветна локација, со напуштени автомобили итн.). Според нив многу е важно дигиталните алатки да се искористат и во подигање на јавната свест за заштита на животната средина што може да се поттикне со апликации за подигнување на свеста за општествено одговорни и одржливи акции. Учесниците на фокус групите решението за тоа како повеќе млади да се поттикнат на еко-акции го гледаат во понуда на апликации со гејмификација и награди – на пример, за рециклирање на одреден број шишиња да добијат некаков надомест како што се билети за културни настани и слично.

„Младите генерации сакаат и можат да направат позитивна промена во општеството. Затоа мора да бидат активно вклучени во процесите на носење одлуки на централно и локално ниво. Решенијата на проблемите во општеството тие често ги гледаат преку користење на напредната технологија од причина што тие се родени, живеат и работат во ера на дигитализација и интернет. Процесот на дигитализација во сите сфери, меѓу кои и екологијата, одамна веќе не е избор, туку обврска за секое општество кое сака да напредува. Ефикасната дигитализација отвора повеќе можности за граѓаните, а особено за младите. Затоа мора да ги користиме ваквите дигитални алатки кои светот одамна ги познава и користи. Дигиталната трансформација е клучна за создавање поодржлив, праведен и попросперитетен свет кој ќе им го оставиме на идните генерации“, заклучува комуникологот Бојан Кордалов по спроведувањето на фокус групите со млади луѓе од Македонија, Србија и Албанија.

Во рамки на фокус групите младите споделија и конкретни примери на апликации од светот со кои успешно се решаваат одредени еколошки проблеми. Меѓу нив се апликации за „споделување“ како на пример „BlaBlaCar“ – апликација за заедничко користење автомобил и делење на патните трошоци достапна во 22 земји во Европа и Латинска Америка, со што се влијае врз намалување на емисијата на штетни гасови, потоа eco-friendly апликации за заштита на животната средина и решавањето на еко проблеми на локално ниво како што е „Geco air“, придружник за мобилност што овозможува да се намали загадувањето, која и визуелно покажува и дава совет како да се постапи за да се подобри квалитетот на воздухот кој сте го загадиле. Апликацијата „Oroeco“ која има за цел да ја подигне свеста за влијанието на една личност врз климатските промени, глобалното затоплување преку мерење на нашиот „еколошки“ отпечаток кој го оставаме во околината, до апликации за намалување на отпадот од храна, меѓу кои е и „Карма“ – шведска компанија за отпадоци од храна и која преку својата истоимена апликација го „спасува“ вишокот храна од ресторани, продавници и фарми, и ја нуди за половина цена – храна која инаку би завршила во ѓубре.