Министерството за надворешни работи (МНР) најверојатно денеска или утре ќе поднесе барање до ОБСЕ за набљудувачка мисија за време на изборите, истакна претседателот Стево Пендаровски за време на денешното обраќање до јавноста.
„За ОБСЕ немам никаква информација дали е поднесено барањето. Имаше информација дека најверојатно денеска или утре би можело да биде поднесено, бидејќи Министерството за надворешни работи е надлежно да побара набљудувачка мисија. Тука има разни шпекулации во кои јас не би сакал да навлегувам колку време реално во време на пандемија им е потребно на ОБСЕ/ОДИХР да покријат одредена земја. Имаме држави кои во моментот имаат закажано избори, на пример Полска, Хрватска, Србија и да не навлегувам во шпекулации каков тип на мисија имаат, бидејќи тоа се разликува“, рече Пендаровски.
Тој појасни дека и лидерите се согласни оти ние не може да очекуваме во време на светска пандемија мисијата на ОБСЕ/ОДИХР да биде иста како претходните години, бидејќи како што рече, не може со ист потецијал да делува и во делот на краткорочни и во делот на долгорочни набљудувачи.