На вакциналните пунктови во државата, заклучно со вчера, се вакцинирани вкупно 252.537 граѓани против ковид-19. Вчера се вакцинирале 9.631 од кои прва доза примиле 1.391 лице. Досега се аплицирани вкупно 420.821 дози на вакцини, а ревакцинирани се 168.284 граѓани.

– Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега желба за вакцинација преку веб-платформата vakcinacija.mk изразиле 446.195 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Со последните бројки, 48 отсто од населението над 70 години, 42 отсто од лицата над 65 години и 35 отсто над 60 години имаат примено барем една доза вакцина.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk, како и лица вработени во критична инфраструктура.

Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата – во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје и во спортските сали во Кавадарци, во Куманово, во Тетово, во Штип, во Битола, во Струмица, во Охрид, во Велес и во Прилеп.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.