Над 70 отсто вевчанци се вакцинирале против ковид-19, а заштитена е комплетно и нивната дијаспора, околу 100 лица, додека во Македонска Каменица, Липково, Делчево против вирусот се заштитиле едвај 30 отсто од жителите. Меѓу оние кои се најмалубројни според примените вакцини спаѓаат и рударите од рудникот САСА во Македонска Каменица каде екипи дури четири пати оделе да ги вакцинираат, а се одзвале само мал број. Па, за да се заштити здравјето на вработените, каде што е возможно се одделуваат невакцинираните, за кои, на пример, следуваат ланч пакети, додека кулинарските специјалитети во мензата, чорба, готвени јадења и друго, се резервирани само за вакцинираните рудари!

За среќа, и не заболуваат многу од ковид-19 рударите во Македонска Каменица 

Лекарите од Здравствениот дом Делчево велат дека Управата уште од почеток на пандемијата води сметка за здравјето на рударите.

– Во Рудникот САСА се многу коректни и таму од почетокот се применуваат протоколите за заштита од ковид-19, па, за среќа, немаме многу случаи на заразени со коронавирусот, иако има и доста невакцинирани меѓу рударите.  Уште во старт таму работат строго спрема протоколите и ги запазуваат мерките – ги тестираат вработените, ги ставаат во изолација оние коишто биле во контакт со вирусот, па многу ни помогнаа да не се рашири вирусот. Два слободни дена имаат вработените кога ќе примат вакцина.  Особено се внимава и при средбите со надворешни  кооперанти – прво се тестираат, па одат на состанок. А на вработените во рудникот им беа одржувани и едукации за ковид-19  – вели прим. д-р Мара Глигоровска, директорка на Здравствениот дом во Делчево, каде досега се вакцинирале вкупно 1.783 жители на Каменица.

Во Делчево со две дози се имунизирале 5. 760 лица, а трета доза примил  само еден од вработените во домот.

Рудникот САСА за НоваТВ изјавуваат дека до денеска се вакцинирале 318, од вкупно 700 вработени, што претставува 45 отсто, што е над просекот на вакцинирани лица на ниво на цела држава. За сите оние вработени кои ќе одлучат да се вакцинираат компанијата им овозможува платено отсуство од работа за денот на вакцинирање и наредниот работен ден.

На прашањето за да се заштитат вакцинираните рудари, како ги одвојувате од другите, а и за време на оброците – едните се со ланч пакети, а дали и оние кои не примиле вакцина се заедно со другите колеги кога се на своето работно место во окното на рудникот, оттаму со одговор:

– За заштита на здравјето на сите вработени, Рудник САСА ги применува сите мерки и процедури предвидени со протоколите донесени од Владата на РСМ за заштита од ковид-19 и спречување на ширење на корона вирусот. На работните места се применуваат соодветните протоколи кои ги пропишуваат превентивните мерки за заштита од Ковид-19 за секој вид работно место и работна операција одделно, а во работата на рудничката менза се применува протоколот бр. 58 за работа на угостителските објекти за исхрана – одговараат од САСА.

А во врска со тоа, што е причината околу 55 отсто од рударите во САСА да не сакаат да се вакцинираат, велат:

– Уште пред да почне процесот на масовна вакцинација во земјата, спроведовме анонимна анкета меѓу вработените. Целта беше да ги идентификуваме мислењата и ставовите на вработените околу вакцинацијата, за да можеме да креираме соодветни активности. Оние што одговориле дека не сакаат и не знаат дали ќе се вакцинираат, како основна причина најчесто наведуваа дека немаат доволно информации за вакцините и процесот. По ваквите сознанија, САСА презема серија од комуникациски алатки и активности со кои на сите вработени им ги презентираше сите официјални информации од надлежните државни и здравствени институции во земјата, како и од СЗО, околу вакцините и процесот на вакцинацијата. Резултатот од ваквата комуникација беше зголемување на интересот за вакцинација меѓу вработените – изјавуваат до Рудникот САСА и нагласуваат дека „за САСА одлуката за вакцинација против ковид-19 е лична одлука на секој вработен и ние доследно ја почитуваме“.

Во Вевчани вакцинирани дури 90 отсто од полнолетните 

За разлика од овој регион, во Вевчани, на пример, се вакцинирани дури 90 отсто од жителите над 18 години, односно две дози вакцини досега примиле 1600 вевчанци и таму немале проблем со антиваксери! велат гордо во Здравствениот дом.

– Кај нас опфатот со вакцинација е 70 осто, а за лицата над 18 години изнесува  90 отсто! Имаме и над 100 жители на Вевчани што работат  во Западна Европа и сите се вакцинирани против ковид-19. Имаме добра организациска поставеност во Домот и многу добра здравствена култура кај населението, а добро оди и   информирањето преку социјалните мрежи, локалните телевизии. Ние сме  микро-средина и преку матичните и други лекари добро оди информирањето за вакцинацијата како најдобра заштита против ковид-19, вели Јован Стојковски, директор на Домот во Вевчани.

Досега 30 вевчанци помлади од 18 години примиле вакцина, а најмладиот којшто се имунизирал е момче на 12 години.

– Ние навреме се организиравме и имаме ковид-одделение, каде двајца лекари интернисти и медицинските сестри и сиот друг персонал „турбо“ работеа пружајќи здравствена заштита на нашите  пациенти, па така успеавме во најголем дел да ја превенираме појавата на тешки случаи. Во одделението се дава и кислородна подршка, се вршат неопходните лабораториски анализи и снимања. Во Здравствениот Дом, којшто е организиран од 1934 година како здравствена задруга, а од 1950 како здравствена станица, се пружаат здравствени услуги и од примарно и од секундарно ниво. Многу млади од Вевчани се насочени на школување во медицината и располагаме со доволно  кадар, а пружаме услуги и на пациенти од странство кои како туристи доаѓаат во земјата – вели Стојковски.

Љубица Балабан