Новак Ѓоковиќ по петти пат во кариерата го подигна трофејот на Вимблдон. Моментно водечкиот на светската АТП листа во најдолгото финале (4:57 часа) на неофицијалното светско тениско првенство го совлада Роџер Федерер со 7:6, 1:6, 7:6, 4:6, 13:12 за вкупно 16 гренслем титула во неговата кариера.

Не само што ја одбрани титулата, Ѓоковиќ стана и прв тенисер по 71 година кој успеа да ја освои титулата на Вимблдон (во случајот ја одбрани) по спасена меч топка за Федерер. Последен на кого тоа му појде од рака беше Боб Фалкенберг од САД во 1948 година.

Денешното финале меѓу Ѓоковиќ и Федерер на Вимблдон беше трето нивно меѓусебно. И претходните две (2014 година ио во 2015 година) завршија во корист на српскиот тенисер. Но, ова беше прв меч за титула на „All England Club“ по 2014 година што се играше во пет сета.