Кошаркарите на Сан Антонио ноќеска имаа двојна причина за задоволство. Во својот „АТ&Т“ центар го совлада Сакраменто со 114:104 и притоа поставија нов рекорд во клупската историја.

За „спарси“ ова е 18 сезона во низа во која бележат најмалку 50 победи, подвиг каков што досега нема ниту една друга екипа во НБА лигата.

Ланската сезона беше најбериќетна за тимот од Тексас. Во неа Сан Антонио забележа 67 победи во основниот дел што е најмногу досега.

Составот на Грег Попович моментно е втор во Западната конференција со биланс од 50 победи и 13 порази. Голден Стејт е на врвот со 51 триумф во досегашниот тек на сезоната.

Сан Антонио има пет шампионски прстени во НБА лигата. Од првиот во 1999 година до последниот во 2014 година, „спарси“ беа најдобри и во 2003 година, во 2005 година и во 2007 година.