Претседателот на СОНК Јаким Неделков пред новата средба на Министерството за образование и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) попладнево истакна дека очекуваат да се приближат со ставовите и, како што рече, конечно да завршат позитивно преговорите.

-Оптимизмот постои од двете страни. Секако дека иделано решение не може да се најде, меѓутоа има простор за соодветно решение што ќе ги задоволи двете страни. Останува да видиме со какви резултати ќе излезме денеска. Ни остануваат уште неколку дена, но изгледно е и денеска да има позитивни сигнали за конечно решение, изјави Неделков.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири претходно денеска изјави дека на преговорите денеска тема ќе бидат колективните договори, нема да биде понуден нов процент за повисоки плати во образованието и дека за нова финансиска понуда ќе се разговара на почетокот на идната недела.

– Конкретна финансиска понуда денеска нема да имаме. Ќе дискутираме за начин за изнаоѓање модел за конечната понуда и кога и како ќе почне да се реализира. Има пресметки од Министерството за финансии и очекувам на почетокот на идната недела и за ова прашање да имаме конечен одговор и конечен догвор помеѓу двете страни, рече Шаќири.