Неприликите во кои се „дави“ АИБА, меѓународна асоцијација за аматерски бокс, остануваат опасност за губење на олимпискиот статус на благородната вештина. Ова денеска го повторија од Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и нагласија дека Игрите во Токио во 2020 година би можеле да се одржат без боксери.

Покрај напластените финансиски проблеми, во АИБА се соочуваат и со тврдења за лажирани борби на олимписките игри во Рио де Жанеиро, а нејзиниот привремен претседател се поврзува во случај со организиран криминал.

„Проблемите на АИБА во раководење, финансии и интегритет продолжуваат“, истакна Томас Бах, прв човек на ИОК.

Од ИОК во февруари упатија предупредување до АИБА за можноста за замрзнување на олимпискиот статус на спортот и побараа дополнителни информации пред состанокот во јули. Бах наведе „сериозни фактички прашања“ како и загриженост околу привремениот претседател на аматерската боксерска организација, откако властите во САД соопштија дека Узбекистанецот Гафур Рахимов е вмешан во трговија со хероин.