Поразително е голем бројот на жртвите кои тивко страдаат од девијации на системот и нормативите на закоравеното патријахалното општество. Идејата да се проговори на оваа тема преку театар е преточена во претставата на режисерката Нела Витошевиќ, насловена „Работи за кои не зборуваме“. Сосема искрено и брутално на сцената, три актерки и двајца актери прават “прошетка“ низ темните комори од кои се излезени бројни приказни на уништени животи како последица на наметнатите матрици на кои едноставно морале да се покорат. Со неверојатна енергичност актерките Ивана Павлаковиќ, Сара Климовска и Драгана Костадиновска се справуваат во улогите на силувани, исмејувани, понижувани жени, додека Никола Настоски и Исмет Шабановиќ играат и брутални дивјаци но и мажи кои исто така сведочат во улогите на жртви заради нивното одметнување од цврстиот маскуларен концепт, и нивната слободна или поинаква природа. Сценските и костимографски решенија се едноставни, но со силна порака: по цена на нашите уништени животи, живееме во голем гардеробер од кој си ги ги бираме улогите за да ја сокриеме нашата автентична природа, тивко и тајно да се провлечеме пред “правилата на однесување“ кои му користат на системот, патријахатот, религијата. Секако оваа еднопиполчасовна сага, на која со брзина како на филмска лента се преплетуваат сведоштва е резултат на шестмесечно истражување кое го направи Витошевиќ за да селектира и да стигне до есенцијата на оваа катарзична претстава.

За целиот процес на работа низ кој минала Витошевиќ, за нејзината провокација да ја направи „Работи за кои не зборуваме“, за можноста нашето општество да се детабуизира, за важноста на театарот/уметноста да направи притисок нештата да се сменат во име на иден посреќен колектив Витошевиќ во интервјуто за Нова ТВ Веб, одговара храбро и соголено.

Нова ТВ: Како што е наведено во најавата за претставата „Работи за кои не зборуваме“, станува збор за авторски проект на екипата базиран на лични монолози, анонимни сведоштва и документарен материјал. Колку во овој оригинален театарски приод, базиран на документаристика, имавте влог како режисер и колку долго траеше истражувањето за да бидат селектирани одредени приказни што ќе влезат во претставата?

Витошевиќ: Истражувачкиот процес за оваа претставата беше прилично поразличен од истражувачките процеси кои до сега сум ги водела. Кога имате веќе однапред напишан текст или било каква друга текстуална предлошка (како роман или расказ на пример) од кои може да тргнете и да направите нова драматургија на веќе зададена приказна, е значително полесно споредбено со ситуација во која треба да тргнете од нула. Да тргнете од празна страница на која има запишано „Работи за кои не зборуваме“. Затоа и самиот подготвителен процес траеше активни шест месеци, во кои заедно со екипата дискутиравме за важни општествени теми, се правеа разни театарски вежби, се консултираше стручна литература, се изнаоѓаа медиумски материјали, се читаа и селектираа анонимни приказни добиени на повикот, се пишуваа монолози и сцени, за на крај да се создаде една фрагментарна драмска предлошка со своја определена логика. Во таа своја логика претставата се обидува да ги најде корените на патријахалното уредување и да ги извади на виделина проблемите и девијантните појави со кои се соочуваат општествата на Балканот денес. Што се однесува до мојот влог, тој беше подеднаков како и на сите други во екипата, со тоа што мојата работа подразбира лидерство и водење на тој процес како и не дозволување работите да се расплинат и отидат во погрешна насока. Мора да признаам дека не беше лесно да се читаат сите тие трауматични приказни и искуства што ги доживеале луѓе од нашава средина. Во еден момент кај мене емотивно се „прели чашата“ и морав да дадам пауза од два-три месеци за да се исчистам од се она што го прочитав. Не е лесно да поминувате секојдневно низ еден куп уништени животи и искуства за кои гледате дека системот не направил ништо.

Нова ТВ: Се чини се повеќе, нашето општество преку уметноста се обидува да разголи, да расчисти одредени наметнати наводно етички или морални правила кои со децении се причина за страдање на индивидулаецот кој не сака да игра по правилата на оваа колективна матрица. Сметате ли дека таа количина на горчина собрана со децении, векови, веќе не може да се држи под тепих, и во име на една нова колективна среќа во која табуата ќе исчезнат, уметноста/театарот има мисија да ги движи нештата?

Витошевиќ: Театарот мора да ја изнесе горчината на незадоволните, а со тоа широко да им ги отвори очите на одговорните и колмејкерите. Театарот треба да направи притисок и обид за нештата да тргнат во вистинската насока. Да им даде глас и лице на работите за кои не се зборува. Да расчисти со лицемерието и лажниот морал. Да ги разобличи наметнатите општествени стеги. Да го отклучи катанецот на вратата во која се крие „стравот од проклетството“. Зошто „проклетството“ ако е проречено, ќе ги стигне кога тогаш оние кои бегаат од него. Јас им верувам на жртвите и сакам нивните приказни да бидат слушнати. Затоа и не се плашам да го отклучам катанецот. Шилер вели дека: „Големите души страдаат во тишина“. И кога тие души ќе се охрабрат да ја скршат тишината, тогаш оставете ги да зборуваат. Предрасудите и осудата се секако неизбежен и составен дел од патријахалното уредување. Но и тој процес отсликува до каде е стигнато едно општество. На тој начин учиме како понатаму да се справиме со проблемите и разбивање на стигмите и добиваме прилика да изградиме временска прогноза во која предвидуваме уште колку ќе траат борбите. А битки за женските прашања и за други табу теми ќе има уште многу. И тие треба да се добијат, за да тргнеме во ѕидање на прогресивно и освестено општество.

Нова ТВ: Секако од оние сведоштва кои можат да се видат во претставата, доминантни се приказните за патријахатот, небулозите на системот, злоупотреба на моќта на општествено признаените, итд…Но, неретко осудата од колективот кон жртвите исто така е дополнителна причина за страдањето на оние кои се трауматизирани. Што најдлабоко Ве интригираше во една тематска линија, и која е поврзаноста на тие приказни?

Витошевиќ: Приказните што ги добивме како одговор на повикот во најголема мера беа приказни на женски лица кои раскажуваат случаи од злоставување или насилство. И токму поради општествената осуда овие жени никогаш не се охрабриле јавно да ги раскажат својте искуства. Ние сметавме дека е добро да се вратиме малку назад и да ги видиме причините кои донеле до вакви агресии и девијации. Почнавме од анализа на матрицата на стереотипизација, од воспитувањето во најрана возраст, од поделбите на машки и женски светови, од зачмаените обреди и обичаи па се до религиозните стеги и догми. Со еден збор со агресивното наметнување на милион правила и ограничување на слободата на избор уште од најрана возраст, почнува да се креира идентитетската криза кај единката. Се случува внатрешен конфликт помеѓу тоа „што сакам“ и тоа „што треба“. Помеѓу нормата и слободата, нагонот и стандардот. Ние од раѓање сме обележани, со пол, возраст, име, презиме, нација, религија. Многу малку избори остануваат за нас да ги направиме кога ќе пораснеме. Кога ќе дојде време самите да посакаме да направиме некаков избор, излегува дека за него треба да се бориме. Ние треба да се бориме за органските потреби и секогаш од почеток да ја освојуваме слободата. Ние сме подложни на осуда уште кога ќе зачекориме во светот на возрасните, а тоа сознание е крајно страшно и морбидно.

Нова ТВ: Од друга страна, голем е ризикот на еден автор да проговори на овие теми, и самиот може да наиде на осуда. Размислувавте ли во процесот на создавање на претставата, на каков прием ќе наидете од публиката?

Витошевиќ: Како режисерка никогаш не сум се плашела од превземање ризици. Во секоја претстава се обидувам да најдам нов начин на кој ќе ја раскажам приказната. Никогаш не се служам со некој стар проверен рецепт кој ми е позната гаранција за успех. Па така во оваа претстава решив да ги кажам работие најреално и најбрутално онакви какви што се. Еднастовно имав потреба да ги кажам со име и презиме, без да се затскривам зад некој параван, па макар наишла и на осуда. Авторот го одбира начинот на кој ќе ја раскаже приказната и треба цврсто да застане зад таа одлука. Дали ќе биде транспарентен, груб, нежен, документарен, преку некое дело на Шекспир или Бихнер, или на некој подиректен начин, тоа е друго прашање. Важно е да се брани одлуката и да се биде до крај доследен на концептот. Јас тоа го направив и затоа сум прегорда на оваа претстава и на ангажманот и трудот што го вложи екипата. И гледам дека тоа публиката го препознава и чувствувам дека максимално се соживува со претставата. Неколкумина ми рекоа дека не гледале слична претстава, дека претставата боли и дека ја доживуваат како многу здрава општествена провокација. Тоа ме радува бидејќи гледам дека сме ја постигнале целта.

Нова ТВ: Сценографијата се чини симболизира еден голем гардеробер како асоцијација за леснотијата/тежината со која ние луѓето ги бираме улогите во животот, се камуфлираме за полесен опстанок пред правилата. Дали вистината по секоја цена е подобра од која било лага?

Витошевиќ: Многу точно согледување. Ние луѓето константно сме задскриени под некаков превез, под некакви маски и активно играме улоги за да бидеме „примерни“ во очите на другите. Има една приказна во претстават на жена која има 60 години и цел живот е брутално тепана од нејзиниот маж. На крајот од својата исповед таа вели: „И да ме познавате, никогаш не би погодиле која сум. Затоа што во животот сосема поинаку изгледам! Поинаку говорам. Тоа мало девојче научи да ги фолира сите дека е се во ред и кога не е. Тоа мало девојче е сега стара жена… Тука е покрај вас, а вие немате појма. За вашите oчи таа е јака, cнажна и насмеана. Во себе, секоја секунда таа плаче…“ Некои вистини со време ќе излезат од под тепихот, некои ќе се обелоденат под превезот на анонимноста, додека некои никогаш нема да бидат изговорени. И сите три случаи се во ред. Некои приказни ќе доживеат да бидат раскажани, некои не. И суд за такво нешто не постои. Туку стремеж и работа да се направи почва каде секоја единка ќе може во иднина гласно да ги каже работие за кои сега повеќето се плашиме да зборуваме.

Нова ТВ: Исечоци од медиумски објави, се исто така дел од сцената. Дали медиумите според Вас се автентичен канал за пренесување на вистината или сметате дека баш во конкретните приказни кои се однесуваат на жртви од секоков тип, често се во трка за сензација и не внимаваат за дополнителните последици што можат да ги имаат жртвите?

Витошевиќ: Во нашата претстава ние се обидовме да направиме селекција на медиумски материјали кои ги имаа споделено самите жртви на злоставување. Јас верувам во приказните на жртвите, а со тоа верувам и во тоа што тие го споделуваат како нивно интервју и исказ. Истото беше и со другите медиумски материјали кои ги користевме, а ја објаснуваат фактографски приказната која сакаме да ја прикажеме. Една иста приказна беше пренесена од неколку медиуми идентично, а гледавме и снимени интервјуа на „ликовите“ од настанот, кои го потврдуваа тоа што е во пишаниот медиумски текст. Многу внимателно биравме што ќе ставиме во претставата, имајќи во предвид дека како што велите голем дел од медиумите денес се во трка за сензација, а според мене многумина се и неаналитични во третирање на темите. Но трагедија е во тоа што веќе е многу тешко во таа прашума од лажни вести, да се дојде до тоа што е вистина. Манипулацијата преку медиумите е крајно опасна, а со експанзија на социјалните мрежи таа опасност стана и фатална по животите на луѓето. И во догледно време нема да се најде механизам за да се запре оваа машинерија.

Нова ТВ: Еден добар дел од приказните се посветени на жртвите на актерките во соседството, кои проговореа за злоставувањата од страна на Мика Алексиќ и Бранислав Лечиќ. Дали ова беше еден колегијален солидарен одговор кон нив? Дали кај нас нема вакви приказни или жртвите се плашат да проговорат?

Витошевиќ: Кога се појави случајот Мика Алексиќ, а подоцна и случајот Лечиќ, во бившите југословенски земји се случи револуција која имаше ефект на колективна катарза. Таа револуција беше еднаква на онаа пред неколку години во САД кога се отвори случајот за Харви Вајнштајн. Од тогаш датираат и едни од за мене најзначајните говори за женски права во поновата историја. Тогаш холивудските звезди многу смело проговорија за машкиот концепт на светот. Сметам дека на ист начин во регионов, со исказот на актерката Милена Радуловиќ, се охрабрија многу лица, пред се жени, да ги откријат своите трауматични искуства. Се формираа разни групи на социјалните мрежи кои повикаа на солидарност и обелоденување на приказни на злоставување, а се отвори и дебата за третманот на жената во општеството и за најзините права и слободи. Овие теми за кои не се зборувало одеднаш влегоа жестоко во фокус на јавноста. Во тој период кај нас случајот „Јавна соба“ доби посериозен третман, а на платформата „Медуза“ можеше да се прочитаат разни анонимни сведоштва на злоставувани девојчиња и други лица. Зошто не видовме приказни слични на оние во Србија во нашата професија е нешто за кое не можам да дадам прецизен одговор. Според мене, нашата средина е премала и на моменти премалогаѓанска што е нормално луѓето да бидат во грч и да се бранат со молк. Се надевам дека претставата ќе инспирира и ќе влијае катарзично врз жртвите што имаат слични трауматични искуства и можеби ќе им помогне да се ослободат од нив.

Нова ТВ: Како гледате на тоа редефинирање на реалноста во која закоравените матрици ќе бидат разнишани, дали сме подготвени како општество да размислуваме одговорно и прогресивно?

Витошевиќ: На нашето општество гледам како на мувлосана затворена школка од која ќе излезе куп гнасотилак кога ќе се отвори. Според мене сеуште сме на „дното на океанот“ и многу далеку од идејата за одговорно и прогресивно општество. За да стигнеме до „бисерот во школката“ треба да се направат системски реформи со кои „прљавштината ќе се измие“. Во последно време имаше некои обиди да мрднеме напред, но сепак сметам дека во големата слика ние сме многу далеку од целта. Редефинирањето е серизона категорија, во која треба да се влезе радикално и со многу јасна визија. И се разбира да се има уште појасен план како тоа ќе се спроведе. Мислам дека ќе треба уште многу време за разнишување на закоравените матрици и одново промислување на реалноста како послободарска и поблескава.

Нова ТВ: Колку отуѓувањето кое го доживеавме за време на пандемијата/ и се уште го живееме на некој начин, беше доплнителна провокација за креативност или пак театарор доживеаа извесна криза?

Витошевиќ: На премиерата на „Работи за кои не зборуваме“ во публика имаше 50-тина луѓе или 30 проценти од вкупниот капацитет на малата сцена во МНТ. Бев фрапирана колку е празно и чудно. На репризите веќе попуштија ковид мерките и игравме со 50 посто капацитет или околу стотина луѓе. Веднаш се почувствува голема разлика. Ние сме среќни што нашата претстава е распродадена, но знам дека театарите во земјава се соочуваат со голема криза како да донесат публика, особено што уште не е вакцинирано ни пола население, а има и такви што се вакцинирани но поради корона вирусот се плашат да влезат во театар. Видливо беше уште од поодамна дека ниту ние во театар нема да останеме недопрени од кризата. Затоа сметам дека треба да играме што повеќе претстави и на тој начин да и се спротиставиме на пандемијата и да ја поразиме.

Нова ТВ: Како млада режисерка во досегашните претстави храбро влегувате во темите и во самата естетика е очигледно дека сакате да бегате од конвенционалниот приод. Што е следно кое ве провоцира?

Витошевиќ: Мислам дека следно ќе се зафатам со некоја класичен автор, секако низ современа призма и неконвенционално толкување. Многу сакам да изнаоѓам начини како да ја преведам класиката во современ контекст. Во план е да го работам Чехов во Турскиот театар во Скопје. Едвај чекам да видам што ќе ми/ни донесе тој нов процес.
Ана Василевска