Американската хуманитарна помош за Авганистан и авганистанските бегалци, како последица на хуманитарната криза во земјата, оваа година ќе биде зголемена за 144 милиони долари и ќе изнесува вкупно 474 милиони долари, соопшти Националниот совет за безбедност во Вашингтон.

Советот за национална безбедност наведува дека поддршката нема да биде испратена преку талибанската влада, туку преку независни хуманитарни организации.

Нашите партнери обезбедуваат животна заштита, засолниште, основна здравствена заштита, помош во храна, вода, санитарни и хигиенски услуги како одговор на растечките хуманитарни потреби влошени од недостигот на здравствена заштита, сушата, неухранетоста и претстојната зима, изјави портпаролката на Советот за национална безбедност, Емили Хорн преку соопштение.

Светската програма за храна на Обединетите нации во понеделникот предупреди дека повеќе од пола население во Авганистан може да се соочи со акутен глад од наредниот месец.