Новак Ѓоковиќ по шести пат во кариерата ќе игра финале на Вимблдон. Српскиот тенисер во полуфиналето на турнирот што досега го освојуваше четири пати (2011 година, 2014 година, 2015 година и 2018 година) славеше над Роберто Баутиста Агут со 6:2, 4:6, 6:3, 6:2.

Шпанецот, и покрај поразот, се покажа незгоден ривал за најдобриот светски рекет на АТП листата во моментот и докажа дека не беа случајни неговите победи во меѓусебните дуели во Катар и на Мастерсот во Мајами во текот на оваа сезона.

Ѓоковиќ во недела од 15 часот ќе игра за одбрана на тронот против Роџер Федерер или Рафаел Надал. Во истиот термин утре ќе играат Симона Халеп и Серена Вилијамс за трофејот во женска конкуренција.