Денеска во СВР Охрид на распит биле повикани 20 лица, за случајот што го отвори Специјалното јавно обвинителство за донациите на ВМРО-ДПМНЕ. НОВАТВ од извори од локалната полиција дознава дека на договорениот термин пред истражителите, кои се во просториите на СВР Охрид, се појавиле само пет од повиканите лица, но кога почнал протестот и тие се предомислиле и не дале изјава за СЈО.
Според информациите на НОВАТВ од Охрид на списокот на СЈО се наоѓаат вкупно 185 луѓе, во улога на донатори или сведоци кои се опфатени во истражната постапка на обвинителството.
Согласно законот ако лицата не се појават на распит во рок од три дена, тие ќе бидат стражарно приведени од страна на полицијата.
Денеска напладне, членови и приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ одржаа протест пред полицијата во Охрид, со транспаренти „СЈО против Македонија“, „СЈО слуги на Заев“, „Каде ви е Заев“, против повикувањето на информативни разговори на членови на партијата.