Јавноста во изминатата година слушна и за изначита за сите правни недоречености, слободни толкувања на правната материја и за „црни дупки“ во Законот за казнено право преку Т-случаите, кои годината ја почнаа во Специјалното Јавно Обвинителство (СЈО), а ја завршија во Основното Јавно Обвинителство (ОЈО).

Специјалното јавно обвинителство во 2019 година влезе со 20-тина предмети во Основниот кривичен суд, од кои неколку беа при крај на постапката. Но, наместо разврска на неколкугодишните судски предмети, тие во јули „застанаа“, а Катица Јанева, наместо да држи годишна прес-конференција, заврши на обвинителна клупа за случајот „Рекет“ во кој, заедно со Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоки Милевски-Кичеец, е обвинета за злоупотреба на службената должност и овластувања.

Случаите од СЈО преминаа во ОЈО. Некои, иако со многу одложувања и одолговлекувања по разни основи, сепак, продолжија, а неколку беа и вратени на почеток поради промена на судечкиот совет. За некои беше изречена пресуда, но неправосилна, па или се вратени на повторно судење или чекаат казната да биде правосилна.

Во Основниот кривичен суд во Скопје заврши најголемиот судски предмет за „27 април“, а во декември стартуваше можеби најинтересниот судски предмет „Рекет“. Додека цела година се чека оценка на обвинителен акт за организаторите на случувањата во Собранието од 27 април во 2017 година, Уставниот суд поведе постапка за оценка на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година на Ѓорге Иванов.

Катица Јанева – од шефица на СЈО до обвинета во „Рекет“ за помалку од година

На 5 јуни, Јанева како специјална јавна обвинителка изјави дека дала одобрение за враќање на пасошот на бизнисменот Орце Камчев на определено време, со образложение дека истрагата во делот на прибирање на финансиската документација е завршена и се анализира. Иако во таа прилика посочи дека Обвинителството само дава мислење, а судот е тој што ја донесува одлуката за враќање на пасошот, тоа подоцна се покажа како една од причините за проширување на обвинението за случајот „Рекет“.

На 15 јули, Јанева депонираше оставка на функцијата пред истек на мандатот што требаше да биде активирана во моментот кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат нејзиниот наследник. Истиот ден, под сомнение за изнудување пари, беа приведени Бојан Јовановски и Зоран Милевски, на кои судот им одреди мерка притвор. Тие во два наврата примиле вкупно 1,5 милион евра од вкупно осум колку што побарале од бизнисменот Орце Камчев кој беше под истрага и за „Империја“.

На 8 август италијанскиот весник „Ла Верита“, преку онлајн изданието, објави видео од средба на осомничените во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милески (Кичеец) со бизнисменот Јордан Камчев. Во него се гледаат спакувани евра со рачно испишани спецификации, а се слуша и разговор на Јовановски и Камчев за предмет на СЈО во кој ја споменуваат и Катица Јанева.

Изјави за случајот „Рекет“ во ОЈО дадоа обвинителите Лиле Стефанова, Елизабета Јосифоска и Бурим Рустеми, како и нивната шефица Катица Јанева. На 21 август полицијата, по налог на ОЈО, ја приведе Јанева под сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувања поради стекнување лична корист во проширената истрага за „Рекет“. Одредена ѝ е мерка притвор во траење од 30 дена.

На 14 септември, Собранието ја разреши Јанева со 102 гласа „за“, без воздржани и против. На 19 ноември, Апелацискиот суд ја уважи жалбата на Јанева и ѝ одреди мерка куќен притвор. На 10 октомври, ОЈО поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски-Кичеец, осомничени во случајот „Рекет“.

На стартот на случајот „Рекет“, Милески призна вина

На 3 декември, во Основниот кривичен суд во Скопје, почна судењето за случајот „Рекет“ против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски-Кичеец. Првообвинетиот се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а двете други лица за „примање награда за противзаконско влијание“. Второобвинетото лице се товари и дека сторило и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Случајот го води судијката Васка Николовска-Масевска.

На првото рочиште Бојан Јовановски и Катица Јанева се изјаснија дека не се виновни, додека третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец го призна делото и ден подоцна доби казна затвор од три години.

Претседателката на судечкиот совет, Васка Николовска-Масевска образложи дека Кичеец е виновен затоа што со Боки 13, преку претходно воспоставени пријателски односи, влијаел врз Јанева да се изврши службено дејство што не би смеело да се изврши во врска со водење на кривичната постапка што ја водело СЈО во предметот „Империја“, односно да му ја укине мерката притвор и да му се определи поблага мерка куќен притвор.

Искази во судот во својство на сведоци за „Рекет“ дадоа бизнисменот Орце Камчев, неговата сопруга Ана Камчева, сметководителката во приватните фирми на Камчеви, новинар од телевизијата „1ТВ“, итн. Наредното рочиште е закажано за утре (3 јануари) со сведочење на заменичката на Јанева, обвинителката Елизабета Јосифовска.

Случајот доби нов тек откако истрагата на 9 октомври се прошири на уште четири лица, меѓу кои потпретседателката на Меѓународниот сојуз Јасна Мандиќ, таткото на Боки 13, Миле Јовановски и асистентка на Јовановски, Христина Блажевска и почесната претседателка на невладината организација, Фросина Ременски.

Т-случаите од СЈО преминаа во ОЈО

Проблемите за Специјалното Обвинителство почнаа во јануари, кога Врховниот суд соопшти дека СЈО не може да поднесува обвиненија по истек на мандатниот рок од 18 месеци. Додека преговорите за законот за ЈО, со кој требаше да се реши статусот на СЈО, заглавија, предметите преминаа во ОЈО. На 4 септември, Јанева од притвор во истражниот затвор во Шутка даде полномоштво сите предмети на СЈО да бидат предадени на ЈО.

На 16 септември, Советот на јавни обвинители го констатира прекинувањето на мандатот на обвинителите од СЈО. Претседателот на Советот, Ацо Колевски, по седницата изјави дека досегашните обвинители на СЈО треба да се вратат во нивните матични јавни обвинителства.

На 20 септември, ЈО презеде вкупно 171 предмет од СЈО. Три беа со правосилна пресуда, два предмета за кои е донесена првостепена пресуда, 20 предмети што во фаза на судење, 19 предмети во истрага, шест предмети во предистражна постапка, 80 предмети што се однесуваат на предистражна постапка и дел по барања за воспоставување надлежност на ЈО за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, 38 предмети по кои се спроведува финансиска истрага и три предмети по вонредни правни лекови.

Одложувања и застарување на судски рочишта како причина за ветинг во судството 

Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, во врска со обвинувањето од СЈО дека нивните предмети во Кривичен суд траат предолго поради одложувањето на рочиштата, рече дека статистиката покажува оти одложувањата најчесто се поради отсуство на некој од обвинетите или адвокатите кои не се присутни поради друго судење.

За 15 предмети на СЈО посочи дека има насрочувања скоро секој ден, односно насрочени се 372 рочишта од кои 248 или 66 отсто се одржани, а 124 биле одложени. Нагласи дека четири предмети биле вратени на почеток, кај еден од нив поради промена на еден од судските поротници, а во трите случаи поради тоа што во рок од 90 дена не бил одржан претрес. Промена на судски поротник имало во случајот „Тортура“, а претрес во рок од 90 дена немало во „Трезор“, „Насилство во Општина Центар“ и „Тендери“.

На 21 ноември, министерката за правда, Рената Дескоска изјави дека се залагаат за ветинг и оти чесните судии и обвинители не треба да се плашат од злоупотреби при спроведување на тој процес. Колевски во тој контекст истакна дека треба да се размисли дали во моментот е потребен ветинг на судиите и јавните обвинители или не, а кон крај на годината, премиерот Зоран Заев истакна неопходноста за што поскоро отпочнување на процесот на прочистување во делот на правосудството, кај судиите и јавните обвинители.

„Поимот ветинг не треба да го употребуваме поради тоа што ветингот, посебно во регионот, симболизира една поинаква постапка што се спроведе во соседството, во Албанија, што претходно беше на меѓународни комисии. Ние сме во понапредни фази со реформските закони, пред сè во правосудството, дадовме сериозни алатки каде што самите институции може да влезат и да го направат прочистувањето“, објасни Заев.

Премиерот ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да отвори постапки за проверка на имотот на судиите и обвинителите, а УЈП, Катастарот, Централниот регистар, МВР и Финансиската полиција уште во декември да почнат проверки на имотот на судии, обвинители и членови на нивните семејства.

Законот за ЈО заглавен во Собранието, Министерството за правда со најава за нов предлог-закон

Работните групи на власта и на опозицијата од почетокот на годината одржаа повеќе средби за Законот за Јавно Обвинителство, кој е еден од условите за добивање датум за почеток на преговорите со Европската Унија (ЕУ). Главните разлики се идниот статус и функционирање на СЈО, судбината на постапките што веќе се почнати и употребата на доказите. Сепак, откако се обезбеди трансфер на предметите на СЈО во ОЈО, министерката за правда Рената Дескоска кон крајот на годината најави дека се подготвува нов Предлог-закон за Јавното Обвинителство.

Законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши и идниот статус на СЈО влезе во собраниска процедура на 27 август. Во меѓувреме позициите на двете страни останаа непроменети. Власта, како што повеќе пати потенцира, е подготвена да одговори на одредени барања на опозицијата, но, сепак, црвената линија е бескомпромисна борба против криминалот. Опозицијата, пак, е на став дека не прифаќа автоматско префрлање на јавните обвинители од СЈО во новоформираното Обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција, ниту тоа да биде предводено од Русковска.

На 18 ноември, министерката Дескоска рече дека без согласност за квалитетен закон за јавно обвинителство, подобро е да не се донесе закон отколку да се донесе колку да се донесе, со оглед на тоа што веќе е обезбеден трансферот на предметите на СЈО во ЈО. Министерството за правда на 19 декември информира дека подготвува нов предлог-закон за Јавно Обвинителство, кој наскоро треба да биде доставен во Влада, а потоа и до Собранието.

Со ова законско решение, меѓу другото, се определува кој ги презема надлежностите на СЈО и материјалите од незаконското следење на комуникациите. Од Министерството за правда велат дека со овој предлог-закон надлежностите на СЈО треба да ги преземе Обвинителството за организиран криминал и корупција, со што тоа ќе биде надлежно за гонење висока корупција. Новото законско решение предвидува обвинителите од СЈО да продолжат да постапуваат по истите предмети што се предадени ЈОРСМ, што значи дека продолжуваат сите предистраги и истраги што ги започнало СЈО.

Во предлог-законот се предвидува државното Јавно Обвинителство да ги чува снимките од незаконското прислушување, односно т.н. бомби, кои не се предадени како докази во судовите. Предвидено е, како што информираат, по истекот на три години од правосилното завршување на постапките, тие материјали да бидат уништени во согласност со одредбите за уништување на материјали од посебни истражни мерки, а записниците за уништувањето да се доставуваат до државниот јавен обвинител. За да биде донесен овој закон, потребно е двотретинско мнозинство во Собранието.

Оценка на обвинителниот акт за организаторите на „27 април“ се чека цела година

За случувањата во Собранието на 27 април во Кривичниот суд се водеа повеќе постапки со кои беа опфатени директните извршители. Пресуди беа донесени за напаѓачите на пратеникот Зијадин Села и за сторителите на насилни дејства во Собранието. Додека едни добија и повеќегодишни затворски казни, други беа амнестирани со закон донесен во Собранието. Некои од обвинетите во своите искази од обвинителната клупа отворија нови моменти за улогата на некои повисоки структури во организацијата на случувањата, па обвинителството најави дека ја проширува истрагата за организаторите.

Оценката на обвинителниот акт и евентуалниот почеток на судскиот процес, сепак, ќе се чека во 2020 година. Во меѓувреме, кон крајот на годината повторно беше актуелизирана, за многумина, спорната амнестија на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, поради иницијативата пред Уставниот суд за оценка на членот со кој се поништува.

ОЈО за гонење организиран криминал и корупција на 31 мај до Кривичниот суд Скопје поднесе обвинителен акт против четири лица, за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста поврзани со случувањата на 27 април 2017 година во Собранието.

На 30 септември претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, најави дека оценката на обвинителниот акт за организаторите на настаните од 27 април ќе се случи во брзо време. Посочи дека од страна на Кривичниот суд повеќе пати е определуван Совет за оценка на обвинението, но на закажаните претреси, по барања на одбраната, се изземени осум од вкупно девет судии во одделението за организиран криминал.

Фото: fokus.mk

Уставниот суд на седница на 27 ноември поведе постапка за оценка на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година. На 29 ноември, претседателот Стево Пендаровски оцени дека евентуалната одлука на Уставниот суд со која практично би се активирало помилувањето што го даде поранешниот претседател Ѓорге Иванов на осомничени за сериозен криминал што беа предмет на истраги на СЈО би бил директен удар на демократијата и правната држава.

На 4 декември собраниската Законодавно-правна комисија заклучи дека нема потреба за давање автентично толкување за член што не постои, односно на членот 11 од Законот за помилување донесен во 1993 година.