Холивудскиот режисер, Оливер Стоун, снима филм за рускиот претседател Владимир Путин кој како верува „ќе им ги отвори очите на Американците“ за поинакво гледиште.

„Филмот отвора еден нов поглед, за кој, ние Американците не сме слушнале“, изјави Стоун во интервју за „Сиднеј морнинг Хералд“.

Познатиот режисер наведе дека во филмот ќе бидат прикажани ставовите и делувањата на Путин кон случувањата во светот од кога за прв пат е избран за руски претседател во 2000. година.

„Господинот Путин е еден од најважните светски лидери и со оглед дека во САД го прогласија за непријател, голем непријател, мислам дека е многу важно да слушнеме што има тој да каже“, рече Стоун.

Тој додаде дека со Путин се сретнал неколку пати и разговарале и за Едвард Сноуден и дека и за него ќе има во филмот.

Минатата година Стоун сними документарец „Украина во пламен“, во кој се зборува за случувањата во 2014 година. Тогаш тој објави интервјуа со Путин и поранешниот украински претседател Виктор Јануковиќ.

Стоун е добитник на три Оскари, а наградуван е и на филмските фестивали во Берлин и Венеција.