Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи денеска во Виена ја презентираше Програмата на претседавањето на Република Северна Македонија со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Министерот Османи, во своето обраќање зборуваше за предизвиците и плановите на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ.

Целото обраќање на министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи е во продолжение:

„ Ваши екселенции, дами и господа,  Ми претставува задоволство што ја преземам функцијата Претседавач со ОБСЕ во 2023 година. Ова за мене истовремено претставува, како особена чест, така и сериозна должност. Од ова место, би сакал најпрво да им оддадам почит на сите оние кои ја извршуваа оваа функција пред мене. Во таа насока, би сакал да го изразам моето особено почитување кон министерот Рау за тоа што ја предводеше нашата организација во досега невидени околности и времиња. Заедно со неговиот способен тим, полското претседателство покажа вистинска волја и врвна вештина во време на длабока криза за регионот на ОБСЕ. Ова ги заслужува нашите пофалби, исто како и раководството на Генералниот секретар Шмид и решителноста која ја покажаа сите институции и структури во мрежата на ОБСЕ. Годинава пред нас нема ништо помалку да биде исполнета со предизвици. Затоа, сметаме на вашата енергија и непрекината поддршка.
Екселенции,
За жал, состојбите не се изменија многу од изминатиот септември, кога ги претставив рамковните приоритети на нашето претседателство.

Војната на агресија против Украина продолжува да го покажува својот грд лик. Мирот е разрушен.

Луѓето продолжуваат да умираат и да страдаат.

Тие се првите кои ја почувствуваа мачнотијата која ја предизвикаа денешните геополитички превирања. Најмногу страдаат оние кои се директно изложени на војна и конфликт. Оние кои се настрана чувствуваат несигурност и неизвесност. Нивниот начин на живот е во прашање, секојдневниот живот е нарушен.Тие треба да се ослободат од стравот од војна.

Нашата меѓусебна доверба е длабоко поткопана. Сепак, уверен сум дека нашите надежи за подобра иднина за нашата Организација, земјите кои ги претставуваме и луѓето на кои им служиме остануваат високи.

Се работи за нив, се работи за луѓето. Ова е нашето мото и силата која нѐ води за годината што претстои.

ОБСЕ треба да даде резултати во тешки времиња.

„Вчера помина. Утрето сѐ уште не е дојдено. Имаме само денес. Да почнеме.” Овие зборови ни звучат познато на сите. Тоа се зборови на Гонџа Бојаџиу, Мајка Тереза, родум од Скопје, нашиот главен град, граѓанка на светот, олицетворение на мирот и сочувствителноста.

Нека нè вдахноват нејзиното наследство, слово и дело. Наша должност е да реагираме денес. За луѓето. Тие ја бараат нашата поддршка.

Тоа е темелот на нашата организација.

ОБСЕ е впрочем и создадена заради оваа конкретна причина и визијата на нашето претседателство во суштина лежи во сржта на мисијата на ОБСЕ.

Земјите потписнички на Завршниот документ од Хелсинки беа „поттикнати од политичката волја, а во интерес на народите, да ги подобрат и засилат своите односи и да придонесат во Европа за мирот, безбедноста, правдата и соработката…“

Ова е заложба на која сите се обврзавме. ОБСЕ има обврска и капацитет да ги заштити интересите на луѓето. Но, прашањето кое се поставува е следното: Дали имаме силна и недвосмислена политичка волја за надминување на предизвиците заради мирот, стабилноста и благосостојбата? Одговорот на ова прашање треба заеднички да дојде од сите 57 држави учеснички и не може сама нималку да го даде ниту една држава учесничка во текот на својот мандат на кормилото на оваа организација.

Ваши екселенции,

Нашиот план во 2023 година е повторно да го заживееме овој дух. И покрај сите тешкотии, нашата Организација го докажа својот потенцијал.

Мора да му дадеме дополнителна поддршка на ОБСЕ за да одговори на својата задача. Тоа подразбира брзо усвојување на единствениот буџет на организацијата. Начелата и заложбите не треба да останат само флоскули. Во пресрет на 50-годишнината од усвојувањето на Хелсиншкиот документ, историјата ќе нѐ памети по делата, а не по нашите ветувања, размислувања и изјави.

Мора да ги преточиме зборовите во дела за да ја обезбедиме функционалноста на ОБСЕ.

Украина ќе остане наш главен приоритет. Агресијата мора да престане. Убивањето и опустошувањето на цивилно население се неприфатливи. Вознемирува да се види како луѓето страдаат. Последиците и цената од оваа војна за регионот на ОБСЕ и пошироко се жалосни и неподносливи.

Свесни сме дека постојат и други кризни подрачја во регионот на ОБСЕ. Регионалната нестабилност и потенцијалот за нови конфликти ќе бараат наше непрекинато внимание. Треба да ги задржиме суштинските функции и дејности на Организацијата, водејќи сметка таа да биде способна да им обезбеди поддршка на ранливите региони и да остане флексибилна во справувањето со предизвиците.

Дами и господа,

На 1 септември ви ги претставив приоритетите на нашето претседателство и тие сега претставуваат составен дел од Програмата која ви ја доставивме.

Тие во голема мера ќе зависат од безбедносните случувања.

Сепак, во претстојнава година ќе се фокусираме на следново:

1. Обезбедување поддршка за една функционална и флексибилна ОБСЕ, нудејќи разновиден комплет на алатки кои би помогнале за обновување на мирот и безбедноста, спречување на конфликти и промовирање на соработка низ регионот на ОБСЕ;

2. Промовирање на човековата безбедност преку обезбедување поддршка за одржлив економски раст и еколошка соработка;

3. Овозможување почитување на основните човекови права и промоцијата на толеранцијата и недискриминацијата како предуслови за сеопфатна безбедност.

ОБСЕ има докажани резултати од своето делување во различни региони. Овде зборувам за искуството на нашата земја. Како земја домаќин на теренска мисија на ОБСЕ, нашата земја може од прва рака да сведочи за придобивките од теренското присуство на ОБСЕ. Уверен сум дека и другите земји домаќини на теренски мисии на ОБСЕ го делат ваквото мислење. Затоа, не треба да чуди податокот дека приоритетот на нашето претседателство со организацијата е ставање фокус на луѓето.

Претседателството ќе се стреми да го засили акцентот на теренската работа, која претставува клучен предуслов за зајакнување на луѓето како крајни корисници на активностите на ОБСЕ. Северна Македонија ќе ја промовира, поддржува и ќе ја засили работата на ОБСЕ на терен, ќе вложи напори да ја подобри координацијата и заедничкото носителство на активностите како предуслов за позитивни промени.

Екселенции,

Денес, повеќе од кога било постои потреба од нашата Организација. Ги поддржувам ставовите кои ги искажавте во Лоѓ и се придружувам на вашите повици за поддршка на ОБСЕ и вредностите на Организацијата. Таквиот поттик ќе ни помогне да ја предводиме оваа Организација во текот на претстојнава година.

На тој пат, сметаме на поддршката од државите учеснички и пошироката структура на ОБСЕ во која се вбројуваат Секретаријатот на ОБСЕ, теренските мисии на ОБСЕ, самостојните институции, Парламентарното собрание на ОБСЕ и специјалните претставници кои работат на важни проблематики.

Предизвици ќе продолжат да се појавуваат, но ние сме тука да истраеме. Во оваа прилика, би сакал да го информирам Постојаниот совет за нашиот план за воведување на позиција Специјален претставник на Претседавачот за граѓанско општество, како доказ за нашата посветеност да одговориме на потребите на луѓето. Нема здрава демократија без гласно, живо и истрајно граѓанско општество.

Исто така, би сакал да ја искористам оваа прилика да ве информирам за нашата намера да ја поканиме Финска да се приклучи на форматот Тројка на ОБСЕ. На овој начин ќе продолжиме да соработуваме и да разработуваме одржливи иницијативи и решенија сè додека не изнајдеме решение за идната држава претседавач со ОБСЕ во 2024 година.

Дами и господа,

Како заклучок, дозволете ми да го преформулирам она што го истакнав на Министерскиот совет во Лоѓ, Северна Македонија е подготвена да го преземе својот дел од одговорноста, имајќи предвид дека за нашата земја претставува привилегија да претседава со оваа Организација. На овој пат, нашите успеси и неуспеси ќе бидат и ваши. Тешките времиња во кои живееме бараат мудрост, одговорност за нашите постапки и посветеност на начелата од Хелсиншкиот завршен документ.

Тие се нашиот светилник на надежта, но и сигнален оган дека за овие начела не се преговара. Тие ќе бидат нашиот Кодекс на вредности и однесување.

Конечно, ќе ја завршам мојата изјава како и што ја почнав, а тоа е со уште еден цитат на Мајка Тереза: „Се плашиме од иднината затоа што ја трошиме денешницата“.

Да не се плашиме од иднината и да ја трошиме денешницата, туку да работиме за подобра утрешнина, за иднината на нашата Организација, за иднината на луѓето.“