Европските принципи и демократски и цивилизациски вредност се наш најсилен адут во спорот со Бугарија, нагласи министерот за надворешни работи, Бујар Османи во гостување на ТВ 24.
-Тие принципи се обидуваме да ги аргументираме и пред Бугарија и пред нашите пријатели. Правдата е само еден од тие принципи. При сите бранови на ширење на ЕУ, имало обиди за наметнување на билатерални прашања, за кочење на процесот, но Унијата секогаш излегувала посилна при тие пречки. Тоа го направила врз основа на почитување на принципите, рече Османи.
Како термини за одржување на првата меѓувладина конференција и почеток на преговорите со Европската Унија, Османи ги наведе јуни или декември, наместо август и септември поради кампањата за локалните избори во земјава.
Во анализата на сите настани, според него, месец јуни изгледал како најдобра можност, но тоа случувањата во Бугарија ја искомпликувале и таа шанса. Засега на маса е португалскиот предлог кој ние го проценивме како добра основа, но не и Бугарија. Османи смета дека тоа е предлог кој дава решение за сите чувствителни прашања.