Пишува: Нано Ружин

„Балканскиот мозаик поседува лоша репутација. Народите на Балканот се толку  оптоварени со  историјата што едвај можат да го издржат таквиот товар..“ констатирал Винстон Черчил меѓу двете светски војни. Половина век подоцна, познатиот американски дипломат Холбрук на извесен начин ке ја потврди оваа неславна репутација за регионот. „ Балканските народи создаваат толку историја што едвај можат да ја конзумираат..“. И навистина, целиот дваесети век на балканските народи бил исполнeт со трагични настани, меѓуетнички судири и злосторства, геноциди и протерувања на народите, анархистички тајни друштва, атентати, политички убиства, верски нетрпеливости но и мегаломански хегемонистички проекти. Корените за таквите состојби настојувал да ги протолкува Стефанос Јерасимос во неговиот Геополитички речник во кој констатирал: Балканот во очите на Европјаните е дел од Европа  кој бил контаминиран од Ориентот..“. Европјаните Балканот го потценувале и го третирале како „под-Европа“ или „Европа од втор ред“. Некои кругови сеуште го подгреваат таквиот архаичен наратив. Дали е тоа еден од факторите на  блокирањето на европскиот пат на Западен Балкан? Еврократите не убедуваат во спротивното но Балканот уште од Самитот на ЕУ во Солун во 2003 сеуште тапка во место.

Познатиот геополитичар од Универзитетот Сорбона-Париз 1, Жорж Превелакис  со право констатира дека „народите на Балканот најчесто биле жртви на големите сили кои осмислено ги користеле етничките, верските, митолошките, социјалните, идеолошките разлики на народите од регионот и лесно ги мотивирале на судири“. Од овие времиња потекнува и фотороботот за балканскиот стереотип оквалификуван како  Homo Balkanikus. Балканскиот човек бил склон кон митот и мистификацијата, кон легендите, традициите, кон величање на  сопственото етничко и верско потекло. За Балканецот  секогаш  личното достоинство и гордоста, неговата  историја и историјата на предците биле свети и духовни вредности. Во битката за зачувување на дедовината, традицијата, семејството, тој покажувал храброст,  жилавост и витештво. Во судбинските мигови ако е потребно ќе се жртвувал за одбраната на честа, војувал и јуришал и против побројните и помоќните, свесен дека ќе го загуби животот но не и образот. Не е голема тајна кога се констатира дека менталитетите и историите на балканските народи се слични, дека веруваат во исти или слични легенди, митови, јунаци, метафори, симболи, иконографии. Секој од балканските народи си имал сопствен стереотип, своевиден Прометеј,  Homo Balkanikus кој бил подготвен да живее и се жртвува за својата кауза, народ, идеја, митологија..

Политичкиот мит за балканските народи произлегува од посебниот систем на симболичкото поимање на „затвореното балканско буре барут“. Тоа е една „ асоцијативна синтакса“,  композиција на специфични  слики кои сериски се прикажуваат како комплексна игра на визуелни асоцијации. Во истата логика конспирациите, заговорите, предавствата, политичката миопија, примитивноста, злосторствата, станаа имиџ на Балканот, израз кого и аналитичарите почнаа да го избегнуваат и да го заменуваат со терминот Југо-источна Европа. Денес некогашните балкански држави кои станаа членки на ЕУ упорно ги избегнуваат именките, придавките  или метафорите „балкански народи“ , „балканска држава“, „Балкан“, кои прераснаа во негативна  персонификација за регионот. Но дали историјата може да извира само од чизмите и бајонетите, од пролеаната крв и јунаштвото? Европјаните покажаа дека регионалната солидарност, заемност, демократските вредности, економскиот просперитет, протокот на луѓето, услугите и  производите создавале многу полуцидни ефекти, отколку воинствените бои, националистичките страсти или мегало-проектите.

Конечно деновиве, тројца лидери Премиерите Заев, Рама и Претседателот Вучиќ, се договорија храбро да го отворат и да го деактивираат балканското „буре барут“. Тргнаа по патот на трилатералниот договор од 1944 со кој била создадена царинската унија на Белгија, Холандија и Луксембург,попозната како Бенелукс.

Решени се да го надминат проклетството на Homo Balkanikus и да го унапредат во Homo ekonomikus. Наместо воин, Балканецот еволуира во деловен човек,  човек кој дејствува на перфектно рационален начин и во полза на економската ефикасност. Се создава поширок пазар, се надминува бавното движење на стоките и луѓето меѓу Србија, Албанија и Северна Македонија. Ке се забрза  слободниот проток на луѓе, стоки, услуги и капитал, без долги чекања на границите. Практично се планира од 2023 да бидат укинати границите, а граѓаните да можат да се движат низ границите на трите држави потписници исто како граѓаните  на Бенелукс или ЕУ.

Воедно  решија наместо увезениот израз „Мал Шенген“ да го заменат со автентичниот израз „Отворен Балкан“. Најзначајно во оваа синтагма е дека е надминат  комплексот на „Балканецот, балканството, Балканот“ како персонификации на неединство, неслога, примитивизам, анти-европски вредности, несреќи, неуспех, конфронтации, национализми. Тројцата лидери кои се јадро на Отворениот Балкан најавија една поинаква перспектива на регионот, потпишаа еден договор и два меморандуми и ги оставија  отворени вратите и за останатите балкански држави. Претседателот Вучиќ се заложи, независно од разидувањата со Приштина и Сараево, на  балкански Бенелукс да му пристапат и Косово и БиХ и Црна Гора. „Немаме намера да правиме Голема Србија“, иако зажали што Премиерот Рама е предмет на критики од страна на косовските политичари, бидејки прифатил српски проект. Рама пак од своја страна шегобијно возврати, „Србија конечно ке добие излез на Јадранот“, реферирајки се на укинувањето на границите од 2023. Кога сме кај геополитиката, се планира солидарна заштита на критичните инфраструктури, подобрување на патните и железничките комуникации,  проекти за фотоволтаични проекти, обновливи енергии..и значајни финансиски олеснувања на граѓаните во туризмот, бизнисот, образованието.. „Ја каниме и Бугарија да ни се придружи независно што е членка на ЕУ“ предложи Заев и констатита „поотворено од Отворен  Балкан – здравје..!

Независно што засега идејата за „Отворен Балкан“ останува ограничена и парцијална, од неа извира една глобална и структурирана визија која ќе прерасне во похомогена заедница на балканските народи. Не се работи ниту за обновување на балканската федерација ниту за создавање на поранешна Југославија, иако зад оваа идеја ќе се пронајдат и задни мисли и политички фрагментации и емоции на внимателност и страв, цинизам и одбивање, од страна на критичарите на “Отворен Балкан“. Битно е дека се гради новиот мит за Балканот, оној за европеизација, за проток на идеи, капитали, луѓе, услуги, митот за заедништвото, солидарноста, економскиот просперитет, мирот и толеранцијата.