За време на неделната проповед, папата Франциск повика на прифаќање на мигрантите и да не се ускратува нивната надеж, истакнувајќи дека „секое затворање води кон диктатура и насилство“.

Секое затворање и изолација, отстранување на оние што мислат поинаку од нас, доведува до екстремни позиции, што води до диктатура и насилство. Тоа се корените на многу зла во историјата. Денеска е Светски ден на мигрантите и бегалците. Треба да бидеме сплотени, без предрасуди, страв, да се грижиме за слабите, мигрантите, бегалците, жртвите на трговија со луѓе. Мора да изградиме поотворен свет во кој никој не е исклучен, нагласи поглаварот на Римокатоличката црква.

Светскиот ден на мигрантите и бегалците е годишен католички празник, кој го менува датумот. Основан е од папата Пиј X во 1914 година во знак на солидарност со италијанските католици, кои биле принудени да ја напуштат Италија за да работат во други земји.