Електронските медиуми и социјалните мрежи, чија популарност и користење, се зголемува од година в година, деновиве во земјава добиваат дополнителна популарност со почетокот на изборната кампања за предвремените парламентарни избори на 15 јули. И покрај силните предупредувања за почитување на мерките за коронавирусот, учесниците на изборите најавуваат и директни средби со граѓаните, но во помал обем и со помал број луѓе, согласно мерките.
Различните таргетирани групи гласачи ќе се привлекуваат на социјалните мрежи (Фејсбук, Твитер, Инстаграм, Јутјуб, но и Пинтерест), особено младите и неопределените. Популарноста на телевизиите не се намалува и покрај популарноста на онлајн медиумите, но тука се и радијата. За претставување на кандидатите и партиските програми се користат и печатени материјали и билбордите на кои веќе осамнаа пораки за поддршка.
На парламентарните избори ќе учествуваат 15 коалиции и политички партии, од кои најголем дел веќе ги почнаа своите активности со промоција на програмите и теренски посети и средби со граѓани. Кампањата започна денеска и ќе трае до 12 јули на полноќ, кога ќе настапи тридневен молк, што се случува за првпат од воведување на плурализмот во земјата. На 13 јули ќе гласаат болните од Ковид-19, и оние во карантин и самоизолација, но само оние што седум дена претходно ќе се пријават за тоа. Сите останати кои до денот на гласање ќе бидат потврдени како позитивни или ќе одат во самоизолација нема да имаат право на глас на 15 јули. На 14 јули ќе гласаат болните и изнемоштените, како и затворениците и лицата во притвор. Предвремените избори за пратеници се на 15 јули, а гласањето ќе почне во 7 часот наутро и ќе трае до 21 часот.
Овие избори се разликуваат од претходните по тоа што дијаспората нема да гласа, но право на глас ќе имаат сите кои до денот на изборите ќе наполнат 18 години, а ќе бидат внесени во Избирачкиот список.
Кампањи согласно мерките за Ковид-19, но не без средби со гласачите
И покрај можностите што ги нудат современите технологии, интернетот и телевизиите, најдобри резултати сепак дава комуникацијата лице в лице со граѓаните кои сакаат да ги видат и да ги чујат кандидатите за пратеници. Ниту партиите не сакаат да се откажат од ваквиот непосреден начин на комуникација со граѓаните, но од нивните табори нагласуваат дека тоа ќе биде согласно мерките за заштита од ширење на коронавирусот. И тоа со носење маски, одржување дистанца, главно на отворено и во бројка која е пропишана од здравствените власти. Единствено партијата „Твоја“, која е новоформирана најави дека кампања ќе води само на електронските медиуми и на социјалните мрежи, и нема да има директна комуникација со граѓани на терен.
СДСМ, која ја предводи коалицијата „Можеме“ чиј дел се партиите Беса, ЛДП, ДОМ и други, најави дека нема да организира големи митинзи.
Коалицијата секојдневно ќе има активности на терен, како и заеднички настап со коалицискиот партнер од албанскиот блок, а главна улога ќе играат и дигиталните алатки.
„Јас како шеф на изборниот штаб на СДСМ ве уверувам дека ќе водиме 100 проценти безбедна кампања. Ги откажавме митинзите, големите собири и сите потенцијално ризични настани за здравјето на граѓаните, но ќе бидеме со вас преку медиумите, дигиталните алатки и сите можни алатки за комуникација“, порача генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.
Потпретседателот на партијата Коста Петров истакна дека до граѓаните ќе се обраќаат на два начина – со онлајн дигитални активности (видео и графички пораки преку социјални медиуми, пренос на видео конференции во живо преку интернет, гостувања во медиумите, спотови, веб банери) и офлајн активности во кои влегуваат билборди, печатени програми и летоци, информативни штандови, прес-конференции, како и средби со граѓаните со ограничен публика од 50 граѓани на отворен простор и 30 во затворен простор.
Коалицискиот партнер на СДСМ, БЕСА, според портпаролот Аријанит Хоџа ќе води позитивна кампања, со конкретна понуда што може да се реализира. Она што БЕСА го ветува пред гласачите е справување со здравствената и економската криза, зачувување на работните места и можности за нови инвестиции и отворање на нови работни места, развојна и рамноправна политика во целата земја, современо образование во согласност со стандардите на ЕУ и целосна реформа на судскиот систем.
„Како БЕСА имаме доволно опозициско искуство да знаеме точно како да се справиме со проблемите на граѓаните. Зад нас не стојат никакви хипотеки од минатото, што би не спречиле да ги исполниме барањата на граѓаните“, вели Хоџа кој потенцира дека партијата го има најмладиот тим во однос на политичките ривали со просечна возраст од 33-34 години.
БЕСА е коалициски партнер на СДСМ, и има 14 свои кандидати за пратеници од кои четири се жени. За време на кампањата тие ќе имаат 15 до 20 директни средби со граѓани дневно во четирите изборни единици, но согласно здравствените протоколи со најмногу триесетина лица. Тие би сакале да остварат директна комуникација со околу 100.000 луѓе. За комуникацијата со граѓаните партијата ќе ги користат исто така социјалните мрежи, како и досега.
ВМРО-ДПМНЕ, која вчера во Битола ја промовираше партиската програма „Обнова на Македонија“, најави кампања сосема различна од досегашните со почитување на сите мерки за заштита од Ковид-19, но сепак партијата не отстапува од комуникација со граѓаните на терен.
„ВМРО-ДПМНЕ е партија од народот и никако не може да води кампања зад сметачките машини, зад екраните, туку ВМРО-ДПМНЕ ќе биде заедно со народот и во следните 25 дена и во оние дваесет денови кои ќе бидат дел од кампањата, така што очекувајте нè, тука сме со народот, колку може ќе бидеме заштитени, ќе ги почитуваме оние протоколи за заштита на здравјето на граѓаните“, наведе Мицкоски.
Партијата за промоција на својата програма ќе ги користи сите современи дигитални алатки, а исто така и електронските медиуми.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) официјално кампањата ќе ја започне со промотивна конвенција на кандидатите за пратеници во Преспа, која ќе се одржи утре на отворено, додека кампањата ќе ја заврши во Охрид, исто така, со собир на отворено.
Артан Груби на прес-конференција пред неколку дена посочи дека причината за овој избор е ветувањето на ДУИ дека ќе биде гарант на Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедство, бидејќи овие документи и процеси се темел на нашата заедничка држава и на нашата евроатлантска определба. Ова, според него, е основната агенда на првиот премиер Албанец, целосна интеграција во ЕУ и потполна рамноправност во сите сфери: економија, правда, работни места, квалитет на живот и друго.
Сите партии, вклучувајќи ги и помалите вклучени во кампањата имаат свои веб страници и профили на Фејсбук, Твитер, Инстаграм, Јутјуб и други социјални мрежи во зависност од целните групи на кои им се обраќаат. И помалите партии најавуваат слични настапи и комуникација со граѓаните, со забелешка дека мора да се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19.
Сосема различен пристап и настап во кампањата, без директен контакт и средби со граѓани и без печатен материјал, најавува партијата „Твоја“, која своите гласачи ќе ги бара само на Фејсбук, Твитер и Инстаграм, преку настапите во живо на нивниот Јутјуб канал, како и со настапи на телевизиите и преку радиостаниците. Професорката Мирјана Најчевска за МИА вели дека тие се ориентирани само кон одредена таргетирана група граѓани на социјалните медиуми. Партијата беше формирана на почетокот на годинава и досега, вели таа, имаат прилично позитивно искуство бидејќи многумина го препознаваат нивниот начин на комуникација. Тоа, според неа, се претежно луѓе кои не ги интересирала политиката, се држеле настана и не сакале да учествуваат во работата на политичките партии или се неопределени.
Сите учесници на предвремените парламентарни избори се заложија тие да бидат фер и демократски и нагласија дека во нивните активности за презентирање на програмите ќе ги преземат сите потребни мерки за заштита во услови кога земјава се уште се соочува со епидемијата на Ковид-19.