Портпаролката на Европската Комисија (ЕК), Ана Писонеро, изјави дека нема информација за средба помеѓу еврокомесарот за проширување на Европската Унија (ЕУ), Оливер Вархеји и министрите за надворешни работи од Западен Балкан, јави дописничката на МИА од Брисел.
Информацијата ја објави „Ал Џазира Балкан“, повикувајќи се на дипломатски извори, но од кабинетот на еврокомесарот не се запознаени со ваква видеоконференција, чија цел, според „Ал Џазира“, е да се подготви претстојниот Самит меѓу лидерите на ЕУ со лидерите од западниот Балкан.
„Немаме никаква потврда. Секако дека ќе има контакти за подготовка на Самитот на 6 мај, но нема потврда за ваква специфична видеоконференција“, изјави Ана Писонеро.
Шефот на портпаролската служба на ЕК, Ерик Мамер, најави дека утре на дневен ред на редовниот колеџ на еврокомесарите ќе се дебатира за самитот ЕУ-Западен Балкан и начинот на кој Европската Унија придонесува во регионот.