Врховниот совет за национална безбедност на Иран денеска соопшти дека САД ќе одговараат за убиството на иранскиот командант, Касем Сулејмани, оценувајќи дека тоа е најголемата грешка на Вашингтон во регионот, пренесуваат иранските медиуми.
„Ова беше најголемата американска стратешка грешка во регионот на западна Азија и Америка нема лесно да ги избегне последиците. Американскиот режим ќе биде одговорен за последиците од овој злосторнички авантуризам“, се наведува во соопштението на Врховниот совет за национална безбедност.

Командантот на иранската елитна единица „Кудс“ беше убиен во американски воздушен напад во близина на меѓународниот аеродром во Багдад.
Нетанјаху: Убиството на Сулејмани е право на САД на самоодбрана
Со коментар за тензиите на Блискиот исток во меѓувреме се јави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кој изјави дека „САД имаат право да се бранат со тоа што го убија иранскиот командант Касем Сулејмани“.
„Исто како што Израел има право на самоодбрана, и САД го имаат истото право. Сулејмани е одговорен за смртта на американските граѓани и на многу други невини луѓе. Планирани се повеќе такви напади“, рече Нетанјаху.

По убиството на иранскиот командант, Нетанајху ја скрати посетата на Грција, изјавувајќи на аеродромот во Атина дека претседателот Доналд Трамп ги заслужува сите пофалби за брзата, силна и одлучна акција, пренесоа британските медиуми.
„Израел е покрај САД во нивната борба за мир, безбедност и самоодбрана“, додаде Нетанјаху.
Евакуирани американските работници од нафтените полиња во Ирак
Американските граѓани кои работат на ирачките нафтени полиња се евакуирани од земјата по убиството на иранскиот генерал, Касем Сулејмани, соопшти портпаролот на Министерството за нафта, Асем Џихад.

„Неколкумина веќе заминале, а некои се подготвуваат да заминат,“ рече Џихад, кој додаде дека „нема влијание“ врз производството на нафта во Ирак.
Бројот на американски теренски персонал во вториот по големина производител на сурова нафта веќе се намали во последните неколку месеци, бидејќи тензиите меѓу САД и Иран се зголемија.
Во Техеран протести против САД
По убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани, десетици илјади луѓе излегоа на улиците на Техеран во знак на протест против САД. Бројни демонстранти носеа фотографии со ликот на Сулејмани, а неколку од нив го палеа американското знаме, објави „Си-Ен-Ен“.

Во Иран е прогласена тридневна жалост по повод смртта на Сулејмани.
САД испраќаат засилување на Блискиот Исток по убиството на Сулејмани
САД испраќаат засилување од илјадници војници на Блискиот Исток по тензиите во регионот поради убиството на Касем Сулејмани, објави „Си-Ен-Ен“. Повикувајќи се на официјално лице од Министерството за одбрана, телевизијата објави дека дополнителните трупи се дел од Силите за брза реакција на 82. воздушно-десантна дивизија. Силите се наоѓаат во целосна готовност и можат да бидат префрлени во регионот во секој момент.
Веднаш по протестите и нападот на американската амбасада во Багдад, САД испратија 750 трупи од оваа воена единица или 3.000 дополнителни војници.

Нападот што се случи во близина на багдадскиот аеродром и убиството на иранскиот генерал Сулејмани за Пентагон е „решителен одбранбен чекор за заштита на воениот персонал на САД во странство“. САД го обвинија генералот за убиство на илјадници американски војници и воен персонал во регионот во изминатата деценија.
Сулејмани беше обвинет за активно вклучување во развивање планови за напад на американски дипломати и воени лица во Ирак и насекаде во регионот, како и за раководење со напади на коалициските бази во Ирак во последните неколку месеци.
Покрај Сулејмани, во нападот е убиен и шиитскиот предводник Абу Махди ал-Мухандис, лидер на Катаиб Хезболах, група поддржана од Иран, која според САД извршила повеќе ракетни напади врз американски цели во регионот.

Бен Фридман, од вашингтонскиот тинк-тенк „Одбранбени приоритети“, смета дека нападот е „исклучително безобзирен акт затоа што сегашните сили на САД во регионот не се доволни да одговорат на потенцијалните последици“.
Според Фридман, неговото убиство претставува акт на војна и дека Иранците ќе бидат принудени на одмазда. Ајатолахот Али Хаменеи, ирански верски лидер, еднаш го опиша Сулејмани како „жив маченик на револуцијата“.
Лавров: Убиството на Сулејмани е кршење на меѓународното право
Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, во телефонски разговор со државниот секретар на САД, Мајк Помпео, рече дека убиството на иранскиот командант Касем Сулејмани претставува кршење на меѓународното право, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Како што се наведува во соопштението, Лавров и Помпео разговарале за ситуацијата во врска со убиството на Сулејмани за време на воздушниот напад на американските војници на аеродромот во Багдад.
„Лавров истакна дека намерните постапки на земја-членка на ОН, насочени кон ликвидација на службеник на друга земја-членка на ОН, особено на територијата на трета суверена држава, без претходно известување, е грубо кршење на принципите на меѓународното право и дека тоа треба да се осуди“, се наведува во соопштението на руското Министерство.
Лавров го повика Вашингтон да стави крај на „нелегалните насилни тактики“ и да ги решава проблемите на преговарачка маса.

„Рускиот министер истакна дека овој потег на САД е со сериозни последици за мирот и безбедноста во регионот и дека не помага во напорите да се изнајдат решенија за тешките прашања што се насобрале на Блискиот исток. Напротив, тоа води до нов бран на ескалација“, се додава во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
Берзите изреагираа на кризната ситуација на Блискиот Исток, расте цената на нафтата
И берзите изреагираа на кризната ситуација на Блискиот Исток по американскиот воздушен напад во Иран и убиството на генералот Касем Сулејмани. Цената на нафтата порасна, јави „Блумберг“.

Главните европски и американски берзи реагираа по ескалацијата во регионот и го започнаа денот со намалени котирања. Од сите, најмногу добија нафтените компании, златото, јенот и хартиите од вредност, пренесува „Блумберг“.
Цените на акциите на американските и руските нафтени компании пораснаа во просек од 1,3 до 2 отсто. Цената на нафтата од марката „Брент“ се зголеми за четири отсто, највисок скок во последните четири месеци.
„Апетитот за ризик се зголемува. Сега многу зависи од тоа како ќе одговори Иран“, изјави за агенцијата Митул Котеча, стратег за пазари во развој на „Те-Де Секјуритис“.
Според „Блумберг“, промени има и во котирањата на скапоцените метали. Цената на златото на спот пазарите достигна 1542,47 долари за унца што е за 0,9 отсто поскапо од претходниот ден. Цената на среброто порасна за 1,3 отсто.

„Веројатноста за брза реакција не треба да се отфрли. Тоа ќе го поддржи котирањето на златото во краток рок“, изјаво Џинги Пан, аналитичар во сингапурскиот оддел на „Ај-Џи Азија Пте“.
Интересот за злато лани се зголеми и неговата цена порасна за 18 отсто. Аналитичарите се убедени за сличен раст и оваа година – до 1,600 долари за унца.
Европските и кинеските берзи го започнаа денот со намалени котирања. Главните берзи во Европа денеска изгубија 1 отсто. Берзите во Кина и Хонг Конг исто така се намалија од 0,2 до 0,3 отсто.
ЕУ повика на смирување на ситуацијата во Ирак по секоја цена
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел повика на смирување на ситуацијата во Ирак. Мишел е првиот претставник на ЕУ кој отворено реагира по американскиот воздушен напад кај Багдад, во кој беше убиен иранскиот генерал Касем Сулејмани.
„Треба да биде пресечен вртлогот од насилство, провокации и одмазди во последните недели во Ирак. Натамошното влошување на ситуацијата треба да се избегне по секоја цена“, се посочува во соопштението на Мишел.

Пред два дена Мишел го осуди нападот врз Амбасадата на САД во Багдад, што доведе до нападот врз Сулејмани. Тогаш претседателот на Европскиот совет повика на почитување на меѓународното право.