Убедлива победа на фудбалската репрезентација на Македонија во последниот тест пред настапите на Европското првенство. Попладнево на арената „Тоше Проески“ беше совладана селекцијата на Казахстан со 4:0.
Стрелци на погодоците беа Езџан Алиоски во 35 минута од пенал, Иван Тричковски во 55 минута по асистенција на Тихомир Костадинов, на 3:0 зголеми Милан Ристовски по додавање на Александар Трајковски, кој беше во идентична улога и три минути подоцна кога Дарко Чурлинов стави печат на триумфот.
Казахстан во судиското надополнување на првиот дел остана без играч помалку на тревникот, по исклучувањето на Мажиков.
Македонија во вторникот ремизира (1:1) против Словенија во Скопје.
„Црвено-жолтите“ на Европското првенство ќе играат во групата Ц против репрезентациите на Австрија (13 јуни во Букурешт, 18 часот), на Украина (17 јуни во Букурешт, 15 часот) и на Холандија (21 јуни во Амстердам, 18 часот).