„Да, точно е. Имаме поголема побарувачка на евра“, овој одговор го добивме во повеќе скопски менувачници откако во јавноста почна да се шпекулира дека граѓаните масовно ги подигаат своите штедни влогови и ги менуваат денарите во евра старвувајќи дека кризата може да доведе до девалвација на денарот. Тензиите дополнително ги подгреа поскапувањето на еврото. НОВАТВ разговараше со директори на банки, менувачници и експерти – има или простор за паника или истата ја креира недовербата во системот. 

„ВИП клиентите ги чуваат штедните влогови во банките и досега никој не дошол да ги подига. Разбирливо тие имаат повеќе информации и знаат дека нема простор за паника, но кај дел од помалите штедачи се чувствува паника и тие ги  подигаат влоговите во банките, најчесто во износ од 1 000 до 2 000 евра, велат за НОВА извори од една голема скопска банка. „Во моментов тоа не влијае на нас, но ако почнат да се подигаат поголеми суми и повеќе пари, да можно е“, додаваат истите извори.

Дел од менувачниците пак, вчера, ја лимитирале понудата на евра, по заинтересираноста на граѓаните за нивно купување, иако имаше и такви во кои можеше да купат онолку евра колку што клиентот сака или со колку што располага менувачницата.

Дел од граѓаните купуваат евра по повикот на експерти се повлечат штедните влогови од банките, со цел да се спречи задолжувањето на Владата кај домашните кредитори, а дел пак од страв.

Поранешниот гувернер Петар Гошев повикува да не се создава вештачка криза во банкарскиот сектор, за кој тврди дека е стабилен.

-Повиците за повлекување на штедните влогови, од фиктивна може да создадат реална криза и со тие прашања не треба да се игра. Владата треба да се спречи со други форми на притисок да го запре зголемувањето на јавниот долг, но ова не е вистинскиот пат. Банките имаат доволно ликвидност, главните индикатори се добри. Коефицентот на адекватноста на капиталот според Законот е 8 отсто,  а просечната ликвидност на банките е 16 отсто, значи тие располагаат со девизи, така што не е добро да се создава  банкарска паника, бидејќи тоа ќе влијае штетно на нашата економија, вели Гошев.

петар

Аналитичарот Висар Адеми повикува Владата, Народната банка и банките заеднички да и соопштат на јавноста дека нема простор за паника и со тоа „да ја смират топката“. Од друга страна пак, Адеми препорачува што побрзо да се најде излез за политичката криза.

„Засега сметам дека нема простор за паника, но оваа психичка криза во јавноста треба надлежните да ја смират. Во спротивно, доколку од фиктивна, кризата стане реална и граѓаните масовно ги повлечат штедните влогови, тогаш тоа ќе ја намали конкуретноста на компаниите, колку помала конкурентност – толку помалку вработувања ќе имаме, а со помали вработувања се намалува и куповната моќ на граѓаните. Ние немаме големи компании, 99 отсто од нив функционираат со реинвестирање, така да ако и тие не можат да се потпрат на банките ќе настане сериозен проблем, нема да може да се движи тој мотор. Повикувам на смиреност кај граѓаните, бидејќи ако се повлечат штедните влогови, власта пак ќе изнајде начин за задолжување со дополнителни кредити, а оној што ќе страда е нашата економија“, смета Адеми.

visar-ademi-620x330

Граѓаните кои денеска ги анкетираше НОВА се со поделени мислења околу безбедноста на нивните штедни влогови.

„Најспокојни“ се оние кои немаат ниту денар заштеда, оти велат дека од банките не можат ништо да изгубат.

Дел од нив пак стравуваат од ескалација на кризата и велат дека размислуваат да ги подигнат заштедите.

-Очигледно е дека владее паника и тоа е очекувано. Не е дека нема доверба во валутата, туку во државата. Се знае во случај на криз ашто се случува – банките ги повлекуваат заштедите на граѓаните, тоа го имавме порано, многу девизи останаа заробени, така да оправдана е паниката, вели друг за НОВА.

-Во моментов не сум загрижена, но татко ми е, бидејќи е пензионер ја крена таа паника по дома, она што го има за старост ставено на страна сака да ги повлече парите. Не се повлечени бидејќи во моментов сметам дека не би требало да паничиме, вели граѓанка за НОВА.

-Не ми е страв бидејќи немам заштеда, вели друг анкетиран граѓанин.

Минатата недела и гувернерот на Народната банка Димитар Богов увери дека нема опасност од девалвација на денарот и посочи дека банките остануваат најсигурно место за штедење.

„Јас би им порачал на сите воопшто да не ги земаат за сериозно ваквите шпекулации, секој еден кој го кажува тоа или немаат доволно информации или лажат. Не треба да има загриженост околу ова, инфлацијата во Македонија останува многу ниска, курсот на денарот останува стабилен, а банките најсигурно место за штедење“, вели Богов.

bogov

Дали се безбедни штедните влогови во банките, стана топ тема во јавноста по континуираната политичка криза која се уште трае. Аналитичарите повикуваат да не се поврзуваат двете работи, бидејќи во моментов влоговите на граѓаните во банките се безбедни.