Пишува: Нано Ружин  

Во периодот на изминатите 16 години, Канцеларката Ангела Меркел, го научи менталитетот на балканските лидери, и секогаш им порачуваше тоа што сакаат да слушнат, но никогаш не го докрајчи прашањето на интеграција на Западен Балкан. На почетокот на мандатот покажуваше одредени резерви кон проширувањето, а во 2009 година, заедно со францускиот претседател Саркози,  се изјаснија против проширувањето кон Турција. Воедно, за државите на Западен Балкан не постоеше некоја појасна оптимистичка визија, освен празните заклучоци од Самитот во Солун 2003

На 26 септември 2021 година по федералните парламентарни избори,  Канцеларката на Германија, Ангела Меркел, популарната „Mutti” (Мама) која раководи со најголемата европска држава на ЕУ од 2005, ќе ги напушти државните функции. Во периодот на нејзините три мандати, меѓу 2005 и 2021 година, во соседството се променија четири претседатели на Франција, пет премиери на Велика Британија, осум на Италија. По шеснаесетгодишното раководење со Германија,  репутацијата на „мама“ во очите на јавното мислење на Европа и покрај неколку погрешни  превиди е многу позитивна. „Ќе се сеќаваме на Меркел според нејзините економски успеси и подобрувањето на имиџот на Германија во светот“, констатира Беноа Фехнер од париски Л’ Експрес. Управувањето со германското општество, климатските промeни и траекториите преземени од страна на ЕУ, како и одговорот кон Пандемијата кои го зајакнаа позитивниот биланс на канцеларката. Какви импресии носат Балканците од политиката на Меркел? Дали успеа да придонесе во побрзата интеграција на Западен Балкан во ЕУ? Дали има простор за критики и разочараност?

Западен Балкан – политика  “ А ла карт“

Во периодот на изминатите 16 години, Канцеларката Ангела Меркел, го научи менталитетот на балканските лидери, и секогаш им порачуваше тоа што сакаат да слушнат, но никогаш не го докрајчи прашањето на интеграција на Западен Балкан. На почетокот на мандатот покажуваше одредени резерви кон проширувањето, а во 2009 година, заедно со францускиот претседател Саркози,  се изјаснија против проширувањето кон Турција. Воедно, за државите на Западен Балкан не постоеше некоја појасна оптимистичка визија, освен празните заклучоци од Самитот во Солун 2003. Во нејзините дискурси и средби со баканските лидери, истакнуваше и повторувашедека „местото на Западен Балкан е во ЕУ“, но секогаш порачуваше дека е тоа „долг и макотрпен процес“. Во 2019 отворено се заложи за проширување на ЕУ кон Балканот но популарната „мами на Балканот“ не успеа да му се спротистави на Емануел Макрон. Дали навистина Меркел  неможеше да ги скрши катанците на ЕУ или едноставно калкулираше? Зошто толку инсистираше на фабулата со магарето, морковот и стапот? Дали и натаму Западниот Балкан ќе ја игра улогата на глупавото магаре кога е јасно дека, Германија на Меркел стана најмоќна држава во ЕУ.

За време на германското претседавање со ЕУ (2020), Меркел се фокусира врз реализација на европскиот буџет и  договорот за слободна трговија со Кина. Mutti Ангела придонесе кон јанкењето на германскиот лидершип во рамките на европските институции и стекна голема тежина при европското одлучување. Нејзината моќ се потпира врз  демографските позиции, процентот во учеството на европскиот буџет (20%)  бројката од  96 евро-пратеници во рамките на Групата на европските народни партии, тројца комесари и осум координатори на комисиите кои се Германци. Со помош на овој механизам Берлин може да ги ориентира стратешките одлуки на Советото на ЕУ. Згора. Комисијата која е централен орган  на ЕУ е раководена од страна на Урсула Вон Дер Лејен, како и трите останати институции: Европската инвестициона банка, Европскиот механизам за стабилност и Европскиот ревизорски суд. Германија е и чувар на политичката европска економија.

Дали со помош на овие институции, Меркел можеше да притисне повеќе и врз ЕУ и врз Софија? Свесна за постојаното наметнување нови пречки и методологии, во Белград Мами Меркел истакна: „Кога еднаш ќе бидат поставените услови, ЕУ мора да биде доследна на дадениот збор, а не да продолжи да измислува нови услови заради вантрешните политички состојби и на тој начин да го кочи процесот на проширување. Ако ЕУ продолжи така да се однесува таа ќе го разочара Западен Балкан“. Но дали овој пријателски гест не е малку задоцнет? И покрај апострофирањето на апсолутното геостратешко значење на Балканот за ЕУ, Меркел дозволи Бугарија да ја блокира Северна Македонија а индирекно и Албанија. Патем, пред неколку дена, Белград порача  дека „сеуште е многу долг патот додека целиот регион влезе во ЕУ, согласно нашите заеднички цели“. Засега канцеларката во заминување се потпира врз „Берлин-процесот“ како дипломатска иницијатива од 2014 која еволуира традиционална средба Западен Балкан-ЕУ преку конференциите во Виена, Париз, Трст, Лондон и Познан. Процесот ги зацврсти и врските меѓу државите  на Западен Балкан  и стана дел од придвижувањето кон ЕУ. Меркел изјави дека и нејзините идни наследници ќе продолжат по истата патека се додека сите шест држави не се здобијат со членство.

Слабите точки на Ангела Меркел

Како што е вообичаено во политиката, не беше мал бројот на оние кои настојувале моќната Меркел  да ја симнат од тронот и постојано да ја критикуваат, особено аналитичари од соседството. Се смета дека нејзините слаби точки се раководењето со финанансиската криза  во Грција како и мигранската криза во Европа во 2015 година. За време на епохата на Доналд Трамп, одредени аналитичари сметаа дека Меркел е лидер на слободниот свет. Ревијата Форбс ја избрала на второ место на листата на најмоќни личности во светот и тоа во 2012 и 2015. И јавното мислење во Европа и САД ја пласирало меѓу петте најмоќни лидери , додека Ревијата „Тајм“ во 2015 ја прогласи за личност на годината. Наводно по победата на Трамп во САД, поранешниот претседател Обама ѝ порачал: „сега ти го водиш слободниот свет, внимавај на поредокот и на солидноста на НАТО“.

По нејзиниот избор во 2005, Меркел најави дека ќе ги затвори нуклеарните постројки иако ја стави под знак на прашање енергетската иднина на државата и Европа. Во 2011 кога се случи нуклеарната катастрофа во Фукушима, таа го продолжи натамошното работење на 17 германски нуклеарни централи и го фиксира крајниот  датумот  во 2022 за целосно затварање на  нуклеарките.

Од Меркел се очекуваше повеќе да направи и во доменот на евро-зоната. Пред неа социјалдемократот Герард Шредер, во моментот на лансирањето на еврото, повел жестока политика на намалување на чинењето на трудот, го редуцирал социјалниот буџет и куповната моќ што резултирало со пауперизира на дел од германското население. Спроведувајки ја таквата „интерна девалвација“, Германија се здобила со поповолни позиции во однос на останатите во евро-зоната, но го загрозила и еврото. За да се достигне германската економска експанзија, било неопходно сите држави да тргнат по неа, меѓутоа никој од тогашните европски политичари не бил расположен за таков ризик.

Наследничка на оваа ситуација, Меркел, не ја влошила состојбата но ништо не направила за да ја подобри. Според мислењето на нобеловецот Жозеф Кругман, „единственото средство за да се спаси еврото била реставрација на интерните рамнотежи во зоната, што претпоставувало зголемување на потрошувачката во Германија“. Зачувувајки ја оваа предност, Меркел од година во година ги критикувала сите трошкаџии во Европа, почнувајки од Франција која не успевала да ја следи Германија до Португалија, Италија и конечно – Грција која била приморана да отстапи дел од своите јавни активи и да пристапи кон  строгата политика на штедење. Германската строгост во економијата се почуствува во цел свет. На надворешен план, беа направени големи превиди во Сирија, кога од 2011 година германските сили ги снабдувале и тренирале сириските бунтовници кои подоцна ќе еволуираат во џихадисти на Исламската држава. Нејзините критичари ѝ забележуваат за блискоста со турскиот претседател Ердоган со кого го потпиша и договорот од 18 март 2016 за запирање на мигрантите, што ЕУ ја чинеше 6 милијарди евра,

Германците го признаваат  талентот на „мама Ангела“ за маневрирање со изборните кампањи, но  во одредени ситуации како во 2015  и покрај подршката на бизнис-секторот и  црквите, нејзината левичарска позиција кон емигрантите предизвикала огромни реакции во домашната јавност. Меркел тогаш прифати да им се издадат визи на преку 800 000 мигранти, воглавно млади мажи од исламска религија, што според опозиционерот Дитер Барч  ризикувало да предизвика големи трауми во германското општество. Економистот Лорен Најман овој потег на Меркел го оквалификувал како „лажна широкоградост.“

И самата била  изненадена од настаните во 2015 кога мигрантите почнале сексуално да ги вознемируваат жените во Келн и околината, иако уште во 2010 година, таа констатирала дека „германскиот  мултикултурен модел целосно пропаднал“. Впрочем и Триесетгодишната војна во Германија произлегла од конфронтацијата помеѓу протестантите и католиците. Како овој наратив ќе се реперкуира во земјата на Бетовен меѓу муслиманите и христијаните, сеуште е на ниво на хипотеза, но засега општеството функционира беспрекорно. Германците од канцеларката очекувале само едно пасивно добредојде, а  попустливоста кон имигрантите го мотивирала  Доналд Трамп да се посомнева во нејзината ментална и здраствена состојба. Еден друг големец на германската политичка сцена, канцеларот Хелмут Шмид, луциден до последните денови на животот, не бираше зборови за да ја навреди некомпетентната екипа на Меркел и дипломатскиот авантуризам на Европската комисија во украинската проблематика.

Германија, сепак, носталгична кон нивната Mutti

Германците покажаа многу носталгија и почит кон личноста на Ангела Меркел, независно од нивната политичка припадност. Таа ќе остане запаметена по пет значајни епизоди и тоа: говорот на 1 јануари 2006 по повод Светското првенство во фудбал во Германија, со нејзината сатирична реторика, кога Германците дефинитивно ги нормализираа односите со својата национална припадност. Втората епизода за која Германците ќе се сеќаваат  е нејзината антинуклеарна позиција по катастрофата во Фукушима во 2011, и најавата дека до 2022 ќе бидат затворени сите нуклеарни централи во државата. Третата „неславна“ епизода е  отварањето на границите кон мигрантите во 2015 со нејзиниот слоган „wir schaffen das”( ќе успееме). Четвртата епизода се однесува на нејзината лидерска позиција „како најмоќна жена во светот“ и „лидер во чии раце е судбината на планетата“, и конечно, петтата епизода се однесува на речиси непроменентата надворешна политика, со што Германија остана на големите линии верна на сопствените позиции. Ангела Меркел остана стабилна и мирна личност, „лидер кој никогаш не драматизирал, независно дали се работело за финансика криза, криза за јавен долг, политичка криза сврзана со  азилантската проблематика во Европа или Пандемијата“, констатира Клер Демесмеј од Германската асоцијација за надворешна политика.

Меѓутоа, таквата стратегија на политичка стабилност  беше ефектуирана на штета на амбициозните реформи, особено на економски социјален план. Во нашите сеќавања ќе остане како лидер кој покажа љубов и солидарност кон балканските народи, лидер која направи многу за Западен Балкан, но сепак недоволно за да го помрдне заглибеното тркало на европските интеграции.