Стотина граѓани вечерва се собраа пред зградата на Владата на Македонија, на протест против „францускиот предлог“ за решавање на спорот со Бугарија и почнување преговори на земјава за членство во ЕУ.

Граѓаните собрани пред владата велат дека „во ниеден случај не смее да биде прифатен овој предлог од Франција“.

Oд Владата досега немаше конкретен коментар околу предлогот на француското претседателство со ЕУ, а премиерот Димитар Ковачевски и денеска рече дека „Владата на Република Северна Македонија формално нема добиено предлог кој е усогласен на ниво на сите 27 земји-членки“.

Ковачевски повтори што треба да содржи секој предлог, за да биде прифатен од македонската влада:

„Каков и да биде конечниот усогласен текст на францускиот предлог, посочувам дека, за тој да биде прифатлив за нас, клучни се следниве елементи – чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет, историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка“.