Зинедин Зидан останува без услугите на Алваро Мората за наредниот период. Напаѓачот, според првичните лекарски прогнози, би можел да паузира еден месец по повредата на задната ложа што ја доби за време на пријателскиот меч на Шпанија против Англија (2:2) одигран на „Вембли“ синоќа.

Неповолната вест за Французинот на клупата на „кралскиот“ клуб доаѓа во незгоден момент. Во сабота (20.45 ч.) е градското дерби против Атлетико Мадрид на „Висенте Калдерон“, а како неизвесен се води и Карим Бензема.

Мората во оваа сезона постигна осум гола за Реал Мадрид во 17 одиграни средби. Покрај мечот со Атлетико Мадрид, тој нема да биде во комбинација нити за мечевите со Спортинг Лисабон и со Борусија Дортмунд во Лигата на шампиони, против Спортинг Хихон и Депортиво ла Коруња во Примера и против нисколигашот Леонесе во Купот на Кралот.