Деветнаесет мали деца и двајца возрасни загинаа во пукање во основно училиште во јужен Тексас.

18-годишниот напаѓач отвори оган во основното училиште Роб Елементари во градот Увалде пред да биде убиен од органите на редот, соопштија официјални лица.

Инспекторите велат дека осомничениот бил вооружен со пиштол, полуавтоматска пушка АР-15 и муниција со голем капацитет.

Тинејџерот е осомничен дека ја застрелал својата баба на почетокот на дивеењето. Локалните медиуми јавуваат дека тој можеби бил средношколец во областа.

Началникот на полицијата округ Увалде, Пит Аредондо, рече дека пукањето започнало во вторникот синоќа во 11.35 часот по локално време и дека истражителите веруваат дека напаѓачот „дејствувал сам за време на ова грозоморно злосторство“.

Гувернерот на Тексас, Грег Абот, рече дека напаѓачот, кој се вика Салвадор Рамос, оставил возило пред да влезе во училиштето за и ненадејно да отвори оган.

Еден од убиените возрасни е наставничка, Ева Мирелес.

Нешто помалку од 500 ученици се запишани во претежно шпанското училиште на околу 135 километри западно од градот Сан Антонио. Настава посетуваат ученици од второ, трето и четврто одделение, кои се на возраст од седум до 10 години.

Новинската агенција Асошиетед прес јавува дека официјален претставник на американската гранична патрола, кој бил во близина кога почнала пукањето, влетал во училиштето и го застрелал напаѓачот.

Двајца гранични полицајци, наводно, биле застрелани во престрелка со вооружениот напаѓач. Еден бил застрелан во главата, велат властите, додавајќи дека и двајцата сега се во стабилна состојба во болница.

Според CBS News, напаѓачот носел панцир додека го извршил нападот.

И другиот 18-годишник кој пукаше во самопослуга во Бафало, Њујорк, на 14-ти мај, исто така носеше панцир и полуавтоматска пушка – и двете ги ги има на пазарот во САД.

Меморијалната болница Увалде претходно објави на Фејсбук дека 13 деца биле пренесени во болница со амбулантни возила или со автобуси. 66-годишна жена и 10-годишно девојче се во критична состојба во болница во Сан Антонио, соопштија претставници на болницата.

На само неколку блокови од основното училиште каде беше ноќеска извршен нападот, се одржа бдеење за жртвите и преживеаните во нападот.

Во говорот од Белата куќа, американскиот претседател Џо Бајден рече дека му е „болно и уморно“ да реагира на масовните престрелки, и повика на контрола на оружјето. „Мали деца кои беа сведоци на она што се случи – гледаа како нивните пријатели умираат, како да се на бојно поле“, рече тој. „Тие ќе живеат со тоа до крајот на својот живот“, рече Бајден.

Тој нареди знамињата на Белата куќа и другите федерални згради на САД да бидат спуштени на половина копје во чест на жртвите во Увалде.

Последниот ден од наставата за учениците во училиштето е утре, четврток. Но, сите часови и активности сега се откажани до крајот на годината.

Престрелките во училиштата станаа чести случаи во САД, со 26 регистрирани минатата година, според EdWeek, образовна трговска публикација. Пукањето во 2012 година во основното училиште Сенди Хук во Конектикат беше најсмртоносниот таков напад. Дваесет од 26-те жртви беа на возраст меѓу пет и шест години.

Говорејќи на говорницата на американскиот Сенат во Вашингтон во вторникот, демократскиот сенатор од Конектикат Крис Марфи ги молеше своите колеги да донесат закон за контрола на оружјето.„Овие деца немаа среќа“, рече тој. „Ова се случува само во оваа земја. Никаде на друго место, никаде на друго место малите деца не одат на училиште плашејќи се дека може да бидат застрелани“.

Но, сенаторот од Тексас, Тед Круз, републиканец, ги отфрли повиците за контрола на оружјето. Тој рече дека ограничувањето на правата на „граѓаните кои го почитуваат законот… не функционира. Тоа не е ефективно. Не го спречува криминалот“. (Би-Би-Си)