По денешниот виртуелен самит, земјите од меѓународната политичка организација БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка) ги поддржаа разговорите меѓу Русија и Украина, се наведува на веб-страницата на Кремљ, пишува хрватски „Индекс“.

Русија се насочи кон партнерите во БРИКС за да ги замени трговските врски кои беа нарушени поради западните санкции, наметнати поради инвазијата на Украина.

Путин денеска повика на посилна соработка меѓу земјите од БРИКС, додека Западот го обвини дека предизвикува криза со санкциите.

„Само врз основа на искрена и заемно корисна соработка можеме да бараме начини за излез од кризната ситуација која се разви во глобалната економија поради непромислените и себични постапки на одделни земји“, рече Путин.

Рускиот претседател го обвини Западот дека „користи финансиски механизми“ за „да ги пренесе сопствените грешки во макроекономската политика на целиот свет“.