Рускиот претседател Владимир Путин истакна дека многу луѓе околу него се болни со Ковид-19 и не ја исклучи можноста тој самиот наскоро да биде во карантин. Портпаролот на претседателот Дмитриј Песков објасни дека шефот на државата зборува „фигуративно“ за карантинот, пишува рускиот весник „Комерсант“.

„Лекарите ја проучуваат ситуацијата … дури и во мојата средина има заболени со вирусот. Треба да разбереме што навистина се случува. Мислам дека и јас наскоро ќе треба да бидам во карантин. Многу луѓе околу мене се болни“, рече Путин за време на разговорот со параолимпијците во Кремљ.

Дмитриј Песков објасни дека Владимир Путин фигуративно зборувал за можноста за карантин поради ситуацијата со коронавирусот. Портпаролот на Кремљ, исто така, изјави за ТАСС дека се уште нема промени во распоредот на шефот на државата.

На 11 септември, Путин изјави дека во Москва властите наоѓаат рамнотежа помеѓу ограничувањата и нормалниот живот. Според него, тоа е голема заслуга на градоначалникот на главниот град Сергеј Собјанин и неговиот тим.