Галија Акерман е француско-руска писателка, историчар, новинар, преведувач, истражувач на Универзитетот во Каен, специјализирана за Украина и постсоветските држави. Била и преведувач на убиената руска новинарка Ана Политковскаја. Борјан Јовановски имаше можност да разговара со неа во врска со нејзините познавања и видувања за руската агресија на Украина.
НОВА: Кој е Путин?
Галија Акерман: Путин е израснат и воспитан од КГБ . Тој живее и работи во духот на тој менталитет. Грешка е кога некои тој менталитет го опишуваат како рационален. Голем грешка беше кога западните лидери го доживуваа како некој кој е рационален човек. Треба да се знае дека тие служби во Русија и за време на СССР и потоа живееја и делуваа во една матрица склона кон конспирации. За КГБ се познати и епизоди кои се надреалистички. Постојат многу релевантни шпекулации дека Путин на пример консултира шамани заедно со Шојгу кој е пак дел од една шаманистичка култура. Дури и за Брежњев е познато дека консултирал гатачки. Толку години на власт во тој КГБ дух мислам дека Путин навистина верува дека нему му е доделана света мисија не само да ја реставрира моќта на Русија туку и да го уништи Западот. Дали тоа некому звучи ирационално тоа не го загрижува тој на себе и на светот гледа така. Тој верува дека му е доверена месијанска улога. Тоа што се случува денеска е само аплификација на неговите карактеристики особено по онаа изолација за време на пандемијата од две години кога знаеме дека не се среќаваше со многу луѓе. Во секој случај тој сега живее еден месијански филм.
НОВА: Дали е ова агенда која тој ја има одамна па сега видел погоден момент да ја реализираа или ова му е нешто ново?
Галија Акерман: Не верувам дека е ова нешто ново за него. Има неколку фрази кои се негови и се многу индикативни. На пример во моментот кога беше именуван за премиер. По именувањето се среќава со една група на колеги од службата КГБ и во разговорот со нив им рекол нешто како во шега но шега која е тешка. Тој им рекол „другари првата етапа од мојата мисија заврши успешно. Успеавме да влеземе во владата“. Понатаму, во два наврати, и тоа треба да се знае, кон крајот на деведесеттите во различни прилики наздравуваше во чест на Сталин. Кога го анализирате се она што го правеше во 28 години власт, има една логика како успева да го мобилизира руското општество во војна против западот и во функција на две цели: Првата цел ширење на Русија кон поранешните советски републики или реконституција на советската империја. И втората цел е да го обнови влијанието на Русија во светот. Ќе ви објаснам. ССРР беше економски слаба но огромна нуклеарна сила со големо влијание на светската политичка сцена. Џин со Ахилова пета. Тогаш за СССР се зборуваше како за супер сила која има подеднакво влијание во светот како и САД. Ако го следите Путин ќе видите дека тој го зазема реторички курс на СССР за борба против империјализмот и колонијализмот од 60 години. Но проблемот е сега што во светот не постојат околностите за кои се зборува во времето по Втората светска војна кога СССР влијае врз големиот комунистички блок во Европа или движењето на неврзаните па и Кина во тоа време. Денеска, околностите се сосема поинакви на геополитичката сцена како што гледате. Точно е дека Кина е сојузник на Русија но исто така Кина има своја агенда и свои интереси во однос на Западот пред се економски и како што гледате во ООН Кина се воздржува, не гласа во интерес на Русија. Сакам да кажам дека Путин се обидува да го мобилизира тој голем блок на држави од времето на СССР кои му се спротивставуваат на Западот. Но тоа е како игра со фантоми..се обидува да реанимира нешто што повеќе не постои.
НОВА: Путин ја запали машината со која треба да ја реализира својата агенда. Соочени сме со војна. Украина страда. Дали Путин може да реализира нешто од таа негова агенда за која зборувате?
Галија Акерман: Видете тој вака или онака се наметна на светската политичка сцена. Веќе постави свои пиони на некои стратешки места. Далеку е од она влијание на СССР но сепак. Го спаси Садат во Сирија и сега Сирија му е сојузник. Иран исто така кој го снабдува со ракети и дронови. Венецуела му е наклонета. Куба е секогаш тука за него. Саудиска Арабија не го поддржа Западот во неговите обиди да се зголеми производството на нафта за да го смири ценовниот шок. Има свои инсталации во Африка. Значи далеку е од влијанието на СССР но сепак направи некаков напредок во таа смисла во однос на 90 години на пример. Исто така може да констатираме дека од 2012 до денеска тој е постојано во таа месијанска фаза во која го бара местото на славното минато на Русија од времето по Втората Светска Војна. Од неодамна како што може да се забележи во неговите говори тој го обвинува Западот за империјализам и за колонијализам. Таа негова реторика од времето на СССР има влијание во делови на Азија кај кои се буди некоја меморија од минатото и од времето на колонијализмот иако тој веќе не постои. Таа реторика обновува емоции во тие делови на Азија што му го зголемува влијанието во тој дел од светот. Така што, Путин сега е во фаза во борба против еден непостоечки империјализам при што, парадоксално токму тој води една империјалистичка политика. Тој работи во контекст на една голема лага и кога – тогаш јас сум сигурна дека ќе загуби, порано или подоцна.
НОВА: Која ќе биде цената на тој негов пораз?
Галија Акерман: Видете ние сме сега во една фаза кога делува праксата на првата половина на 20 век и онаа од 19 век. Сведочиме една војна чија цел е да окупира една туѓа територија и на сила да се воспостават туѓи правила на игра. Човештвото одамна не било соочено со ваква негација на хуманитарните вредности. Не знаеме што ќе направи Путин, дали ќе се реши да употреби нуклеарно оружје или не. Можно е Западот да ја намали својата поддршка за Украина бидејќи изгледа дека има се помалку и помалку оружје на располагање за поддршка на Украина. Украинците се борат навистина храбро и се надевам дека Украина ќе победи но тешко е да се претпостави таков исход со сигурност. Значи или Украина ќе победи целосно и Путин ќе падне по што ќе започнат внатрешни нереди во Русија кои не знаеме каде ќе водат, или Украина нема да победи целосно и ќе имаме некаков договор во стилот Минск 3. Има еден аспект за кој не зборуваме многу а кој е мислам многу важен. Путин на почетокот на војната рече дека целта му е да ја денацифицира Украина што беше протолкувано како обид да се дезукраинизира Украина. Бидејќи со тврдењата за денацификација паралелно се застапуваше тезата за тоа дека нема Украински народ или јазик. И гледајте сега што се случува во праксата. Досега има, според некои анализи, околу 100 милиони Украинци кои се депортирани. Некои доброволно некои не, кон Русија. Меѓу нив стотици илјади се деца. Процентот на наталитет во Украина е веќе многу низок. Исто така имате повеќе милиони луѓе кои заминаа во други правци кон Европа. Сега доаѓа зима која е силна во тој регион и ќе има нови миграции на милиони Украинци во правец на Европа. Мислам дека зимава ќе се соочиме со нов голем бран на бегалци. Јасно е дека не сите кои заминаа во Европа или они кои се депортирани во Русија ќе се вратат назад во Украина, тоа е јасно. Сакам де кажам дека Украина ќе загуби милиони од своите жители кои ќе се распрснат по светот што секако ќе биде удар и за борбата за зачувување на украинскиот идентитет. И мислам дека сега се случува токму тоа со нападите на цивилно население. Целта е тие да се избркаат и да се ослаби Украина со човечки потенцијал. Што помалку луѓе толку помалку можности за реконструкција.
НОВА: Значи Путин работи на стратегија да држи притисок врз популацијата во Украина на долг период?
Галија Акерман: Мислам да. И се разбира Украинците ќе се обноват повторно ќе застанат на нозе како Европа по големата пандемија на чумата. На долги патеки верувам дека Украинците ќе победат но не верувам дека ова скоро ќе се заврши.
НОВА: Што би бил тој Минск 3 кој би ја завршил војната?
Галија Акерман: Тоа не е посакувана опција по мене но ако се случи тоа ќе значи дeка сите територии освоени од Путин до сега ќе станат руски и Украина ќе биде не само лишена од 17 % од својата територија туку Русија ќе биде и понатаму закана за мирот. Не верувам дека ќе се случи мировен договор туку запирање на непријателствата, прекин на огнот со што Русија ќе ги задржи тие територии и ништо нема да ја спречува во иднина повторно да ја започне војната веднаш штом ги обнови своите потенцијали. Тоа би било многу лоша солуција и се надевам дека нема да се случи.
НОВА: Каква е состојбата во Русија. Војната чини многу пари. Општеството ова го плаќа скапо. Може ли руското општество да ја поддржува оваа војна на долги патеки?
Галија Акерман: Поддршката за оваа политика на Путин е голема. 75% подржуваат. Олигарсите му се на колена бидејќи може да им направи што сака кога сака. Мислам дека знаат дека ако ја загубат војната тоа нема да биде само пад на режимот туку може да предизвика и распаѓање на федерација и тоа чувство на страв од такво сценарио но и привлечноста на реториката на Путин за обнова на старата руска слава, го одржува тој дух на поддршка.
НОВА: Има ли можност за транзиција од тој дух на путинизмот кон демократија?
Галија Акерман: Таа транзиција е можна само ако се случи воен пораз на Путин во Украина. Во спротивно таква транзиција кон демократија во Русија со Путин е невозможна мисија.