Женската ракометна репрезентација ќе биде привилегирана во првата фаза од квалификациите за Светското ракометно првенство во Јапонија во 2019 година. Ракометна Федерација на Македонија (РФМ) ја доби кандидатурата да биде организатор на турнир (Група 4) кој ќе води до мундијалски бараж.
Противници на најдобрите македонски ракометарки ќе бидат селекциите на Азербејџан, на Исланд и на Турција. Натпреварите ќе се одиграат во ВИП арена „Борис Трајковски“ од 30 ноември до 2 декември (влез слободен) и само првопласираната репрезентација ќе продолжи во наредната фаза. Баражите се закажани во јуни, Светското првенство во Јапонија ќе се одигра од 30 ноември до 15 декември во 2019 година.
Ракометната федерација на Македонија како домаќин на турнирот го објави и распоредот на натпревари. „Црвено-жолтите“ девојки во првото коло (30 ноември, 18 ч.) ќе играат против Азербејџан, ден подоцна во истиот термин против Исланд и во последното коло (2 декември, 20 ч.) против Турција.