Ракометната репрезентација на Македонија продолжува во Келн, но наместо главната фаза и потера по место што води во олимписки квалификации, ќе разигрува за пласман од 13 до 16 место на Светското првенство во Германија и во Данска. Меѓу најдобрите 12 на турнирот се проби Исланд по триумфот над „црвено-жолтите“ со 24:22 (полувреме 11:13).
Исланѓаните двапати поведоа во мечот. Отворија на почетокот (1:0) и во 44. минута за 17:16 по која не дозволија повеќе да паднат во минус за вкупно 12. триумф во меѓусебните дуели со Македонија. Македонските ракометари повторно одиграа со осцилации, но „црниот“ период овојпат беше кобен по амбициите за успешно минување на прелиминарната фаза. Голот на Густафсон цели девет минути беше невидлив за нив што го искористи незгодниот скандинавски ривал, го презеде водството, ја презеде контролата и безбедно го дочека крајот.
Гунарсон со седум гола беше прв стрелец во натпреварот, по пет за „црвено-жолтите“ реализираа Кире Лазаров и Дејан Манасков додека Борко Ристовски забележа 16 интервенции.
Македонија, како учесник во утешниот „Президент Куп“, ќе игра против Русија во Келн за позиционирање од 13 до 16 место.