Премиерот на Албанија Еди Рама на Економскиот форум во Скопје рече дека иницијативата има за цел заживување на четирите основни слободни на Европската унија.

„Слободата на движењето на луѓето, движење на добрата, капиталот и на услугите. Ние не сакаме да живееме во минатото, преку оваа иницијатива сакаме на овој регион да му донесеме пример каков што е Европската унија“, рече премиерот на Албанија Еди Рама на Економскиот форум во Скопје.

„Оној момент кога ние ќе се интегрираме во ЕУ ќе го правиме она што и сега го правиме ние, но сега без ЕУ. Значи утре како дел од ЕУ, нема да се разговара понатаму дали овие четири слободи ќе се овозможуваат во нашиот регион“, рече премиерот на Албанија, Еди Рама.

Рама рече дека треба да се направи се, за да се врати малку од изгубеното време, додавајќи дека не треба да зависи интегрирањето во ЕУ само од четирите слободи.

„Кој и да каже дека оваа иницијатива е проектирана во бившо-југосовенските подруми за да се основа повторно бившата Југославија и да се и даде хегемонија на Србија бидејќи таа е најмоќна па ќе ни одземе се, тогаш тој живее во паралелен свет“, рече премиерот на Албанија Еди Рама за време на денешниот Економски форум во Скопје.

Тој додаде дека тие луѓе живеат за политика врз грбот на луѓето, а не за добросостојбата и зајакнувањето на мостовите меѓу народите. На денешниот Економски форум кој се одржува во Скопје, треба да биде обелоденето и името на иницијативата која досега беше нарекувана „Мал Шенген“.