Романскиот премиер Михаи Тудосе, по само седум месеци, поднесе оставка на функцијата. Социјалдемократскиот политичар подолго време беше во конфликт со лидерот на неговата партија ПСД, Ливиу Драгнеа.

-Си заминувам со високо крената глава”, рече Тудосе вчера по состанокот на Извршниот комитет на романската Социјалдемократска партија (ПСД), на кој членовите гласаа за негово заминување од функцијата.

Тудосе беше министер за економски прашања во две претходни влади и беше предложен од Драгнеа за премиер и назначен на функцијата во јуни минатата година. Сепак, односот меѓу двајцата политичари брзо се влоши.

Драгнеа носи важни одлуки без да се консултира со други водечки членови на партијата, постојано се жалеше Тудосе.

Тудосе и Драгнеа во изминатиот период имаа жесток конфликт поради министерката за внатрешни работи, Кармен Дан. Тудосе побара нејзина оставка поради педофилски случај во полициските кругови. Драгнеа демонстративно се спротивстави на ова барање – и на крајот министерката го игнорираше барањето на премиерот и не поднесе оставка.

ПСД планира денеска да одлучи кого ќе му го предложи на претседателот на државата како наследник на Тудосе. Функцијата заменик-премиер, исто така, мора да биде пополнета, со оглед дека и Марчел Чиолаку, поднесе оставка заедно со Тудосе.

Од изборната победа на ПСД во декември 2016 година, ова е веќе втора промена на врвот на владата во Букурешт. На претходникот на Тудосе, Сорин Гриндеану во јуни 2017 година му беше изгласана недоверба од страна на неговата партија во парламентот. Повторно, на оставката ѝ претходеше конфликт со лидерот на партијата, Ливиу Драгнеа.