Агресорот во текот на ноќта изврши нов масовен напад врз Украина, само неколку часа по истекот на тридневниот режим на „делумна тишина“, кој важеше од 9. до 11. мај.
Според украинските власти, Русија лансирала повеќе од 200 дронови кон украински цели, при што биле погодени цивилни објекти, енергетска инфраструктура, станбени згради, градинка и железничка инфраструктура. Украинските воздухопловни сили соопштија дека од 216 лансирани дронови, 192 биле соборени или неутрализирани.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека Русија „самата избра да ја прекине делумната тишина што траеше неколку дена“. Според него, во нападите биле употребени повеќе од 200 ударни дронови, а на фронтот повторно биле користени воздушни бомби, со повеќе од 80 фрлени бомби и над 30 регистрирани воздушни напади. Зеленски наведе дека украинската противвоздушна одбрана соборила дронови над Днипропетровската, Житомирската, Миколаивската, Сумската, Харкивската и Чернихивската област, како и над Кијив и Кијивската област.
„Русија мора да ја заврши оваа војна, и токму Русија мора да го направи чекорот кон вистински, траен прекин на огнот“, порача Зеленски, додавајќи дека Украина претходно јасно ставила до знаење дека ќе одговори соодветно на руските дејства. Во нападите има повредени, а украинските власти пријавија и загинати лица.
Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибига, соопшти дека Кијив предложил продолжување на делумниот прекин на огнот и по 11 мај, но Москва одговорила со ескалација. Според неговата изјава, Русија ноќта по истекот на режимот на тишина лансирала над 200 дронови, насочувајќи ги нападите кон цивилна инфраструктура, меѓу другото и кон една градинка, при што има најмалку еден загинат и повеќе повредени.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на X го нагласи континуитетот на руските напади и потребата од постојан притисок врз Кремљ.
„1539. Денес рф продолжи со својата делумна тишина со напади со дронови и воздушни напади врз Украина. Континуираниот притисок врз рф мора да го принуди кремљ да ја запре војната. #RussiaIsATerroristState“, напиша амбасадорката Дир.
Украински извори за ЦИВИЛ Медиа информираат дека нападите следуваат по период во кој, според украинските власти, немало големи воздушни удари, но борбите на фронтот не запреле. Зеленски уште претходно предупреди дека на фронтот „нема тишина“ и дека Украина ги документира прекршувањата, додавајќи дека Русија „нема намера да ја заврши оваа војна“ и дека подготвува нови напади.
Во Кијив, остатоци од соборен дрон паднале врз покрив на 16-катна станбена зграда во северниот дел на градот, предизвикувајќи пожар, соопшти градоначалникот Виталиј Кличко. Во Кијивската област, удар со дрон предизвикал пожар на покривот на градинка и оштетил прозорци на блиска станбена зграда. Штети се пријавени и во други региони, вклучително Черкаси, Житомир и Чернихив.
Европската Унија во меѓувреме воведе санкции против 16 руски функционери и седум институции обвинети за учество во незаконското депортирање, присилно префрлање, асимилација, индоктринација и милитаризирано образование на украински деца. Според европските институции, од почетокот на целосната руска инвазија во 2022 година, околу 20.500 украински деца биле незаконски депортирани или присилно префрлени во Русија или на територии под руска окупација.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, изјави дека динамиката на војната се менува во корист на Украина, посочувајќи ги големите руски загуби, украинските длабински удари врз руски цели и намалениот обем на руската воена парада. Но, таа предупреди дека „нема простор за самозадоволство“.
Последните напади повторно ја потврдуваат украинската позиција дека Москва го користи јазикот на примирјето и преговорите додека продолжува да напаѓа цивилни цели и инфраструктура. За Кијив, пораката останува јасна: прекинот на војната зависи од Русија, а меѓународниот притисок врз Кремљ мора да продолжи сѐ додека агресијата не запре.
Извор: ЦивилМедиа.мк




