Рускиот опозициски водач Алексеј Навални денеска беше пуштен од притвор. Тој беше уапсен вчера  на  протестите против рускиот претседател Путин во Москва.

Навални организираше протести во пресрет на инаугурацијата на рускиот претседател Владимир Путин во 90 руски градови, при што околу 1.600 негови приврзаници беа уапсени поради протестирање без дозвола. Четвртата инаугурација на Путин за претседател на Русија ќе се одржи утре.

Претходно, Европската унија побара од руските власти да ги ослободат опозицискиот водач Алексеј Навални и неговите приврзаници.

Портпаролката на Европската унија Маја Коцијанчич изјави дека апсењето на демонстрантите, меѓу кои има и новинари, претставува нарушување на слободата на изразувањето.

„И покрај тоа што некои од демонстрантите немале дозвола да бидат на локацијата каде што се собрале, тоа не може да ја оправда бруталноста на полицијата и масовните апсења“ изјави Коцијанчиќ.

Најсериозни беа судирите меѓу демонстрантите и полицијата во Москва и Санкт Петерсбург, каде се уапсени околу 500 лица.