Маурисио Сари е прогласен за најдобар тренер во Серија А за сезоната 2015/16. Предводникот на Наполи доби 25 гласа од можни 61 и со три повеќе од Масимилијано Алегри стигна до признанието што му беше врачено од Карло Тавекио, претседател на фудбалската асоцијација на Италија. Како трет заврши Еузебио ди Франческо од Сасуоло.

„Ова е значи дека Наполи поведе со 1:0 против Јувентус. Резултатите и бодовите се поважни од наградите, но убаво е барем еднаш да се победи Алегри“, се пошегува Сари при обраќањето пред присутните.

Наполи, под негово водство, во минатата сезона го освои второто место на табелата што беше доволно за Сари да биде прв тренер на тимот од „Сан Паоло“ што ја понесува наградата за најдобар во сезоната. Во изборот учествуваа негови колеги од екипите во Серија А и во Серија Б.