Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од генералниот секретар на СДСМ и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска остварија средба со партнерите од здружената опозиција, од која произлезе заклучокот дека се подготвени за избори во секој момент.
Според СДСМ и коалициските партнери сепак обврска на сите институции и политички субјекти е во Република Македонија да се спроведат фер и регуларни избори.
Тие констатираа дека без прочистен Избирачки список не може да бидат организирани и спроведени фер и регуларни избори и затоа очекуваат реална оценка од Државната изборна комисија којашто ја има одговорноста за доверлив Избирачки список.
СДСМ и партнерите сметаат дека од 2011 година кога беше апсењето на Љубе Бошковски и затворањето на А1 телевизија, рушењето на Космос, насилното исфрлање на новинарите и пратениците од Парламентот во 2012 година, изнуденото одење на избори 2013 година, од проектот „Вистината за Македонија“ и се што следуваше потоа, јавноста се уверила дека се случувала вистинска изборна кланица, вклучувајки ја и кулминацијата на изборните измами и нерегуларности во 2014 година, поради што опозицијата не ги призна изборите.
Тие порачуваа дека уште едни нерегуларни и недемократски избори во Македонија нема да се случат и дека опозицијата е гарант на ваквите заложби.