Носителката на кандидатската листа за пратеници на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Изборната единица 1, Гордана Силјановска Давкова денеска од Сопиште истакна дека има шанса да се обнови тоа што остана, но за тоа, нагласи, е потребна промена на власта.
„Кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја преземе власта, ќе работи на обнова на Македонија за младите да останат во државата. За таа цел ќе се донесат најмалку четири милијарди евра странски и домашни инвестиции, платите ќе се покачат за 25 проценти, а пензиите за 20 проценти“, истакна Силјановска Давкова.
Силјановска потенцираше дека со СДСМ во Македонија нема парламентарна демократија, нема независно судство, нема право и правда и нема функционална држава бидејќи без ефикасни политики не може да функционира државата.
„Државата ја направија руина, а држава без стабилни институции не е држава. Држава во која доверба во судството имаат едвај три проценти граѓани не е држава, држава во која врвот на јавното обвинителство односно СЈО е синоним за корупција е држава пред пропаѓање и како таква во извештаите ја водат како хибриден режим“, рече Силјановска.
Друг народ, порача Силјановска Давкова, не се наоѓа, ама власт друга може да се најде и 15 јули ќе биде македонскиот светол ден.