За да се оствари програмата на Владата 2017-2020 година за „двојно зголемување на основните плати на сите здравствени работници и платите на докторите специјалисти во терциерното здравство кои скалесто ќе се зголемуваат и ќе изнесуваат минимум 100.000 денари, односно 1.600 евра до 2020 година“, во наредните две години основната плата на доктор специјалист од терциерно здравство би требало да се покачи за 146 проценти, а на медицинска сестра со средна стручна спрема 91 отсто, реагира денеска Синдикатот на клинички центри на одлуката на Владата за зголемување на платите на лекарите и медицинските сестри од 5 отсто од септември.

Синдикатот ја поддржува одлуката на Владата за покачување на вредноста на бодот за најниската плата за најнизок степен на сложеност од 13.286 денари, но не го прифаќа зголемувањето на основната плата во здравството од пет отсто за 2018 година.

Според Синдикатот, со пет проценти покачување сегашната основна плата на доктор специјалист од терциерно здравство од 38.827 денари би изнесувала 40.767 денари, односно би се зголемила за 1.940 денари, а за медицинска сестра со средна стручна спрема со сегашна основна плата од 18.027 денари би изнесувала 18.927 денари или би се зголемила за 900 денари.

– Со оваа динамика и вакво „скалесто покачување“ останува нејасно како ќе се спроведе програмата на Владата што Синдикатот на клинички центри во целост ја поддржува. Доколку е така планирано, би било единствено покачување на основната плата на здравствените работници во периодот од 2017 година до крајот на 2018 година, велат од Синдикатот.

За Синдикатот се неприфатливи и пресметки кои вклучуваат додатоци на плата какви што се дежурствата во толкување на остварување на Програмата на Владата 2017-2020 година која се однесува исклучиво на покачување на основната плата.

Министерот за здравство Венко Филипче кој денеска на прес конференција ја соопшти одлуката на Владата за покачувањето, рече дека оваа мерка (за покачување на платите од 5 отсто) е само еден дел од поширокиот план на Владата за покачување на платите во здравството.

Според него, по овој, на почетокот на следната година следува уште еден чекор – исполнување на ветувањето лекар специјалист да има плата 100.000 денари.

– Ова е пет отсто зголемување на основицата кај сите вработени во јавното здравство. Можеби звучи малку, но е само еден дел од нашата многу широка програма како ќе ги зголемиме примањата на сите вработени во јавното здравство. Пред неколку месеци беа зголемени сумите за дежурствата. Се зголеми цената на ноќниот труд и на јавни здравствени установи во кои зголемувањето на вкупната сума на пари кои лекарите ја земаат за зголемување на дежурствата, ја зголемува нивната плата за околу 30 проценти што воопшто не е малку, истакна министерот.

Филипче информира и дека капитацискиот бод не влегува во пресметките за покачувањето, но во тек се разговори со матичните стоматолози и гинеколозите кои имаат други барања – законски и системски измени. Неколку опции за нивно решавање се ставени на хартија. По годишните одмори ќе се види кои од тие решенија е најсоодветно.