Откако Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ повторно ја одложи собраниската Комисија за финансирање и буџет, спикерот Талат Џафери одлучи Васко Ковачевски од владејачкото мнозинство да ја преземе седницата, така што денеска во 13 часот таа ќе продолжи.
– Ова беше неизбежен чекор, бидејќи сите сме сведоци дека изминатава недела секојдневно седниците беа закажувани и откажувани, а роковите течат. Наша обврка е да ја запазиме процедурата за усвојување на еден од најважните документи, од кој зависи целокупното функционирање на државата, изјави денеска Ковачевски, кој ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да дојдат на седницата. Доколку Лилјана Кузмановска одлучи да се вклучи во работата на Комисијата може во секое време да продолжи да претседава со неа.
Комисијата за финансирање и буџет ја почна расправата за Предлог-буџетот за 2018 година минатиот понеделник на 27 ноември и оттогаш беа закажани неколку продолженија кои не се одржаа. Кузмановска ја одложува седницата на Комисијата за Буџетот по акцијата за приведувања во врска со насилството во Собранието на 27 април, меѓу кои се и шестмина пратеници од нејзината пратеничка група.
Расправата по Предлог-буџетот во Комисијата, според Деловникот, трае 10 работни денови. По предложениот текст поднесени се 279 амандмани.
По завршување на расправата во Комисијата, предлогот се испраќа на пленарна седница каде се расправа пет работни денови.