Неочекувано, вчера од Софија беа лиферувани три информации во однос на ветото кон Македонија, кои во Скопје останаа без позначајна реакција.

Првата информација е безмалку сензационална и прилично загрижувачка. Бугарскиот државен врв, ќе ја посети Елисејската палата за наводно да го видел и одобри планот на Макрон за укинување на ветото за почеток на преговори на Македонија со ЕУ. Конотацијата со која бугарската новинска агенција БГНЕС ја објави информацијата повикувајќи се на „различни но добро упатени извори“, е дека Бугарија има целосна контрола над преговорите, над францускиот претседател Емануел Макрон, и бездруго над целиот Балкан, штом и се отворени вратите на Елисејскиот дворец и може слободно да влезе во работниот кабинет на францускиот шеф на државата и да ѕирне и даде коментари на неговите работни документи.

Освен оваа информација, Софија се погрижи да ни прати вибрации и од претседателот на владата Кирил Петков кој со доза на таинственост говори за екскурзијата во Париз, но и од шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска која ја информира јавноста дека во преговорите со Македонија не е постигнат никаков напредок. Во една необјаснива реченица Генчовска навестува визита на експертските групи на македонското и бугарското МНР. Србите велат “збунити непријатеља”.

Бугарија ја известува јавноста, тамошната и овдешната, и дека од Макрон добиле ветување дека ќе ги вклучи сите нивни барања во преговарачката рамка, и дека лично Макрон ќе гарантира дека Македонија ќе ги исполни овие барања. Што и баш не е за верување, бидејќи ако тие имаат толку силни позиции кај личноста која е на врвот на ЕУ, зошто решиле со тоа да се пофалат и јавно да го прекршат основното правило при деликатни преговори да не ја откриваат својата тактика и своите адути.

Бугарските кујни се потрудија пред посетата на Париз, да пуштат и порака до регионот дека македонската страна во преговорите била арогантна, и дека дава изјави по дома дека членството во ЕУ за земјата е далечна перспектива. Демек, ако не ги почнеме преговорите, за тоа не се виновни бугарските уцени, туку Македонија. Некој од нашите бугарски “пријатели” толку бил заинтересирани Скопје да ги почне преговорите со ЕУ, пренесува БГНЕС, што предупредил дека не сака на Македонија да и се случи турско сценарио на бесконечно преговарање.

Што да се каже по една ваква канонада во еден ден? Пропаганда пред решавачка рунда преговори за ветото, или алиби пред регионот и Европа дека тие сакаат решение но Македонија не сака.
Овие вести како да не го вознемирија официјално Скопје. Изостана било каков одговор или реакција, што укажува или на воздржаност или на заостанување во дипломатскиот маратон.

Или пак, додека бугарската страна го обработува Макрон во обид да ги наметне своите позиции, македонската страна го сврте бродот кон Вашингтон за стратешкиот дијалог со САД, кој е одлична вест, но не може да ја надомести празнината во европското преговарање за перспективите на Македонија во ЕУ. Ниту пак да издејствува американска шлаканица за Софија, како што научивме од искуството со ветото на Грција.

Македонското државно раководство, мора да е спремно да даде одговор на неколку прашања кои можат да произлезат од аудиенцијата на Радев и Петков кај Макрон, затоа што таа може многу да ја измести Македонија од преговарачките позиции и од траекторијата кон ЕУ и да ја сврти кон траекторијата на Европската политичка заедница што ја заговара Макрон.

За македонската дипломатија не смее да биде доволно што добиле уверување од Брисел дека идејата на Макрон за Европска политичка заедница не е замена за членство на Македонија во ЕУ. Тоа би била крајна наивност. Сите се сеќаваме како македонскиот државен врв со индигнација ја отфрли идејата за Отворен Балкан токму поради стравот дека има за цел да го затвори Западен Балкан на својот географски простор и да го држи подалеку од светлата на ЕУ, но не поминаа ни пет месеци од нејзиното промовирање а таа стана прифатлива за Владата во Скопје. И, се чини дека наскоро ќе ги даде првите резултати со отворање на границите за полесно вработување за граѓаните на земјите членки.

Оттука, сериозна и одговорна дипломатија треба да ја има предвид и скриената агенда на Бугарија за посетата на Париз кога веќе вчера отворено се пофалија дека Макрон е нивен а тие се негови.

Несомнено е дека ЕУ забрзано бара политички решенија со кои ќе ги оствари ветувањата за брзо членство на Украина, и дека едно од нив е Европската политичка заедница, а ако се отвори таков пакет Македонија може во брзо време да добие понуда “земи или остани вечно во чекалната”.

Соња Крамарска