Советот на Градот Скопје одржува вонредна седница по кризата во Јавното сообраќајно претпријатие -ЈСП, кое од синоќа остана без нафта. На седницата беше најавено дека по интервенцијата на Владата со нафта од државните резерви за седум дена, утре изутрина ќе биде нормализиран автобускиот превоз во град Скопје.
Да истакнам една благодарност не само од мое име туку и од име на градот Скопје и од граѓаните на градот Скопје затоа што утре ќе можат да си стигнат на своите работни места сите оние коишто се движат со јавен превоз и учениците ќе можат да стигнат на училиште. Едновремено би сакала да апелирам до сите вас да се следи овој позитивен пример затоа што доколку е дојден моментот да покажеме пред граѓаните дека сме способни да направиме исчекор и консензус да имаме за прашања коишто се од клучно значење за нивниот интерес тоа можеме да го направиме и повторно со тоа што на следната седница ќе се гласаат сите оние работи коишто навистина се неопходни за нив, рече градоначалничката на Скопје Данела Арсовска пред советниците.
За кризата во ЈСП, Арсовска вели дека не е резултат на несоодветното менаџирање на претпријатието, туку поради што редовната јавна набавка била предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки.