Советот на Европската Унија (ЕУ) попладнево го одобри пакетот финансиска помош за десет соседни земји, меѓу кои и Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Брисел. Пакетот помош изнесува над три милијарди евра макрофинансиска помош за земјите од Западен Балкан, плус Грузија, Јордан, Молдавија, Тунис и Украина.

Северна Македонија треба да добие 160 милиони евра помош. Најголем износ е предвиден за Украина, со 1,2 милијарди евра.

Помошта земјите ќе ја добијат во облик на заеми под поволни услови за да се справат со најитните последици од кризата со коронавирусот.

„Заедно со Меѓународниот монетарен фонд, овие фондови ќе помогнат да се зајакне макрофинансиската стабилност и да се создаде простор да се овозможи овие ресурси да бидат насочени кон заштита на граѓаните и ублажување на негативните социоекономски последици од пандемијата на коронавирусот“, соопшти Советот на ЕУ.